13.12.2012, 14:27 Полицијата го уапси „Нинџа“ о��омничен за убиство во обид
Полицијата вчера околу 17 часот на ул. „Фуштанска“ во Скопје го уапси лицето А.В.(32) викан „Нинџа“ од Скопје, по предходно распишана телеграма за потрага за сторено кривично дело „убиство во обид“.
„Нинџа“, соопшти денеска МВР, е спроведен во Истражниот затвор „Скопје“, согласно изречената мерка – притвор во траење од 30 дена во отсуство, од страна на Истражен судија.
Инаку, СВР-Скопје минатата недела до надлежното Основно Јавно обвинитеслтво-Скопје поднесе кривична пријава против А.В.(32) од Скопје осомничен дека сторил кривично дело „убиство во обид” и против Н.М (29) од Скопје за кривично дело „помагање”.
На 2. декември околу 22.50 часот на бул.„АВНОЈ“ додека Д.С.(34) од Скопје се враќал пеш од тренинг кон својот дом и зборувал на мобилен телефон, од паркингот помеѓу паркираните возила му се приближиле Н.М. и А.В. кои во рацете носеле пиштоли. Најпрво Н.М. му се обратил барајќи од него да прекине да зборува на мобилниот телефон, по што А.В. со намера да го лиши од живот Д.С. со пиштолот испукал еден проектил кон истиот притоа нанесувајќи му огнострелна рана во вид на расекотина во пределот на чашката на коленото на десната нога. Д.С. исплашен за својот живот почнал да бега трчајќи и притоа слушнал уште еден истрел од огнено оружје.
Откако оштетениот избегал, по телефон му се јавил на неговиот другар со кој се договориле да го пренесе до болница. Д.С. побарал лекарска помош во ГОБ „Св.Наум Охридски“ каде лекарот му констатирал дека се има здобиено со расекотина на чашката на коленото на десната нога.
Веднаш по настанот А.В. и Н.М. пеш се упатиле кон бул.„Јане Сандански“ и на автобуската постојка се качиле во такси возило и заминале во правец на населбата Автокоманда.
Приведениот А.В., соопшти МВР, минува во крим евиденциите на СВР-Скопје за извршени повеќе кривични дела – „противправно лишување од слобода“, „грабнување“, „изнуда“, „предизвикување на општа опасност“.
|