14.12.2012, 14:41 Непријатна реа откри мртва жена во Тафталиџе
Неподнослива реа околу две недели се ширела во влезот број два во зградата број 72 на улицата „Иво Лола Рибар“ во скопската населба Тафталиџе. Соседите не ни помислувале дека 78-годишната сопственичка на станот е мртва и дека миризбата доаѓа од нејзиниот труп. Сестрата на несреќната жена која живеела сама, со денови се обидувала телефонски да ја добие. Ѕвонела и на влезната врата. На крајот повикала полиција. Мртвата жена била пронајдена во бањата. Причините за нејзината смрт ќе се утврдат по обдукцијата.
Како што соопшти полицијата, случајот е евидентиран во четвртокот околу 14,45 часот. Во присуство на блиските на сопственичката и со клучар било влезено во станот на Горица Ј.. Нејзиното тело било во фаза на распаѓање, поради што не ни можело да се утврди дали има траги од насилство.
„Извршен е увид, телото е предадено за обдукција“, велат од СВР-Скопје.
Станот на Горица Ј. вчера беше запеча��ен од полицијата. Соседите разговараа за случајот, се обидуваа да објаснат како не се посомневале дека жената е почината.
„Знам сега ќе речете како е можно ништо да не сме забележале, бидејќи јас тоа го помислувам кога во весниците ќе прочитам за таков случај. Ама, верувајте, жената беше позатворена, послабо комунициравме со неа, иако сега е и такво времето - луѓето си ја гледаат својата работа, се' помалку се дружат“, ни вели средовечна госпоѓа од третиот влез.
Станарите од влезот број два велат дека две недели од силната реа не можело да се мине во зградата.
„Ни на крај памет не ни беше дека Горица починала. Прво мислевме дека некој од станарите ставил зелка, па затоа мириса“, велат тие.
Раскажуваат дека жената била витална, живеела сама, сопругот трагично го завршил животот пред повеќе години, имала еден син. Причините за нејзината смрт дополнително ќе се утврдуваат. (Г.А.) |