14.12.2012, 15:58 Самарас: ЕУ пресуди како Букурешт
Грчкиот лидер избегна да и се обрати на Македонија и со БЈРМ
Од нашиот известувач Слободанка Јовановска
Брисел - Грчкиот премиер Андонис Самарас го престави денеска како успех одлагањето на датумот за преговори со Македонија, додавајќи дека на нашата земја Брисел и' пратил јасен сигнал како може да стане членка на Европската унија. Самарас, кој избегна да го употреби и името БЈРМ, нагласи дека Советот на ЕУ за првпат го споменал името како услов за членство.
„За првпат Европскиот совет спомена дека прашањето за спорот за името е сине ква нон за преговорите со оваа земја. Истото се случи и во Букурешт на самитот на НАТО“, изјави Самарас во Брисел, практично потврдувајќи дека на министерскиот состанок на ЕУ неделава ставил уште едно вето на Македонија и сугерирајќи дека за него заклучокот на Советот е реприза на НАТ�� формулата за Македонија.
Откако изјави дека за да се постигне тој успех презеле многу активности, Самарас задоволно порача дека заклучокот бил резултат на „ефективна дипломатска политика на притисок“, но ист таков успех претходно презентираше и околу договорот со Брисел за финансиската криза, што од локалните новинари беше дочекано како нереално. „Сега сигналот за земјата е многу јасен“, порача Самарас без да ја именува Македонија како било, додавајќи дека пред расправата во Советот на ЕУ биле преземени повеќе чекори за сериозни прего вори со Макеоднија, мислејќи веројатно на меморандумот.
Иако формално беше дел од агендата на европскиот самит, проширувањето вчера не беше споменато ни со еден збор од лидерите, а францускиот претседател Франсоа Оланд не ни сакаше да одговори на прашања поврзани со Балканот, што остави впечаток дека оваа тема се третира само формално и дека ни Србија, ни Македонија, ни Косово, ни БиХ, ни Албанија не беа мотив да си го трошат времето.
Инаку, како што се дознава, конечната верзија на заклучокот за Македонија на министерскиот состанок на ЕУ ја подготвила Франција, со две клучни интервенции - од него да се извади конкретниот датум за носењето на одлуката и таа да се услови со исполнување на условите. Гералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилност заклучокот го оцени како мал но важен чекор напред за Македонија, бидејќи гарантира дека ЕК веднаш ќе подготви рамка за преговори ако Советот даде позитивно мислење на нејзиниот извештај за нашата држава, нешто што треба да ја охрабри нашата влада дека нема да направи компромис и да остане без членство во Унијата. Според Кнаус, нереално е да се верува дека одлуката за преговори со Македонија може да се донесе без согласност од Грција, па најави сериозен притисок врз Скопје и Атина да се постигне пробив за името во почетокот на идната година.
„Она што треба сега е сериозно и имагинативно решение пред пролетниот извештај на ЕК“, најавува Кнаус, повторувајќи го неодамна изнесениот предлог (кој според него има поддршка од ЕК), да се договори име со географска одредница кое ќе ја замени само референцата, па и тоа да влезе во употреба денот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ. Извори од Европската комисија тврдат дека остварувањето на препораката за Македонија им е приоритет број еден од балканското досие во моментов.
|