15.12.2012, 12:20 „Минхаузен 3“ нова премиера на Штипскиот театар
Претставата е симбол на лагата која постојано се провлекува низ историјата
Штип - Штипскиот театар вечерва ќе ја има премиерата на својата најнова претстава, комедија „Минхаузен 3“. Режисер е Никола Ристов, а во претставата која започнува во 19,30 часот игра речиси целата нова, млада генерација актери при оваа театарска куќа. „Претставата е нешто како симбол на лагата која постојано се провлекува низ историјата на човештвото. Приказната е компилација од текст на Владимир Сорокин и Албер Ками. Во нејзиниот центар е определена група на луѓе кои од различни причини се собираат да пробаат нешто ново, еден вид дрога, за преку неа да откријат некој нов свет во кој лагата и вистината се поклопуваат една со друга. Во моментот кога се наоѓаат сами со себе, кога си ги бараат своите недостатоци, сите сфаќаат дека немаат излез од ситуацијата и остануваат заробени помеѓу лагата и вистината“, вели режисерот Ристов.
Во претставата играат: Наташа Петровиќ, Ненад Митевски, Владимир Тулиев, Пеце Ристевски, Миле Вратеовски, Виктор Арев, Марија Минчева, Љупчо Бреслиски а во помали улоги штипјани ќе можат да го видат актерското мајсторство и на Елена Шорова и Ава Хусеин. Сценографијата е на Гордана Бурзевска, костимите се дело на Александра Крникова-Груев, а музиката е избор на режисерот Никола Ристов. (И.Б.)
|