10.12.2012, 15:34 (ФОТО) Вратен стариот сјај на Шарената џамија во Тетово
Ѕидното сликарство на фасадата на објектот е конзервирано и реставрирано со средства од Амбасадорскиот фонд за културна заштита на САД и од македонското Министерство за култура
Гојко Ефтоски
На Шарената џамија во Тетово денеска, официјално беа завршени конзерваторско-реставраторските работи на ѕидното сликарство на фасадата на објектот со што му е вратен вистинскиот сјај на овој најрепрезентативен споменик на архитектурата и сликарството од времето на османлискиот период. За извршените работи се вложени околу 95 илјади американски долари како донација од Амбасадорскиот фонд за културна заштита на САД и уште 500.000 денари, средства на македонското Министерство за култура. По тој повод, денеска во Шарена џамија, или како уште се нарекува Алаџа џамија, во Тетово престојуваа Пол Волерс, амбасадор на САД во земјава, и Елизабета Канческа-Милевска, министерка за култура, со соработниците. „Шарената џамија е споменик на архитектурата и сликарството. Овој импозантен објект на исламската уметност потекнува од 15 век и неговата монументалност најмногу се препознава во внатрешноста и надворешната декорација која е израз на врвните дострели на искусните мајстори од Дебар“, подвлече Канческа-Милевска. Според неа, Шарената џамија повеќе од пет века е симбол на градот Тетово, а зафатите што се извршени овозможија да и' биде вратена вистинската убавина. Реализацијата на проектот задоволува светски стандарди за заштита на еден споменик на културата, а на убавините и монументалноста ќе се воодушевуваат многу генерации.
Амбасадорот Пол Волерс искажувајќи го своето воодушевување, рече дека амбасадата финансира 11 вакви проекти во Македонија за заштита на споменици на културата, а за Шарената џамија подвлече дека е најубавиот од нив. Тој смета дека со извршените конзерваторско-реставраторски работи, сега овој објект ќе биде уште попривлечен не само за тетовци и жителите на Македонија, туку и за многу туристи од странство.
Очигледно беше дека Шарена џамија се наоѓаше во фаза да го изгуби големиот сјај и исклучивост со ѕидното сликарство, како во внатрешноста така и на фасадниот дел. За да се заштити биле изведувани интервенции во далечната 1978 година, а три години подоцна и конзервација. Конзерваторски работи се изведувани на фасадната декорација и во 1997 година кога целосно била реконструирана, а најмногу на долните и средишните делови, на местата што најмногу б��ле изложени на надворешни и атмосферски влијанија.
Со сегашната донација на амбасадата на САД, ангажирани биле 15 конзерватори од Националниот конзерваторски центар на Македонија и негови надворешни соработници, предводени од м-р Владо Муковски, виш конзерватор за ѕидно сликарство. Завршените работи претставуваат најобемен зафат досега со употреба на најсовремени техники, технологии и материјали за конзервација, како и со примена на недеструктивни методи. Најновите откритија дадоа нова светлина за целосно и точно толкување на техниката, стилот и начинот на сликање на ѕидната декорација. |