09.12.2012, 13:10 Македонските револуционери во џебна енциклопедија
Автор на енциклопедијата е Славчо Ковилоски, а содржи 400 револуционери и исто толку фотографии
Неодамна од печат излезе книгата „Џебна енциклопедија на македонските револуционери“ од Славчо Ковилоски во издание на „Современост“ и „Урбан Институт“ од Скопје. Својата промоција ова дело ја доживеа во петокот во Музејот на македонската борба, а претставува скратена верзија од публикацијата „Македонија - кратка енциклопедија револуционери“ која авторот ја објави минатата година. Овде се опфатени личности кои учествувале во основањето на Македонската револуционерна организација во 1893 година, учесници во Илинденското востание и периодот на Балканските војни во 1912/1913 година.
Енциклопедијата, вели Ковилоски, се наметна како производ сам по себе, по повод 100 годишнината од почетокот на Балканските војни, како и во очи на 100 годишнината од Букурешкиот мировен договор, 110 годишнината од Илинденското востание и 120 годишнината од основањето на Македонската револуционерна организација.
„Ако минатогодишната енциклопедија содржеше 1.018 револуционери и над 500 фотографии, а оваа е скратено дело со околу 400 револуционери и исто толку фотографии. За разлика од првата, која е повеќе за академски кругови, џебното издание е за поширока намена. Идејата беше револуционерите да не се прикажат црно или бело, туку со сите мани и доблести што ги имале. Користена е најчесто мемоарска литература, со цел да се долови атмосферата во која живееле. Биографиите содржат описи на нивниот надворешен изглед, но и описи на нивните карактери. Целта беше повеќе да се претстави човечкото во нив, со сите добри и лоши карактеристики, а не да биде само фактографско издание“, вели Ковилоски, кој е историчар и главен и одговорен уредник на списанието „Современост“.
Оваа џебна енциклопедија е прва од ваков вид. Таа на едно место ги собира и обработува животите и делата на македонските револуционери од Илинденскиот период, со единствена цел, на македонскиот читател за прв пат да му понуди преглед на учесниците и борците од создавањето на МРО и Илинденското востание, односно да му послужи како патоказ во откривање на личности и борци кои својот живот го дале за слободата на Македонија. (Т.И.) |