11.12.2012, 13:42 Концертна промоција на Наум Петрески и „Синтезис“
Фолк-пејачот и етногрупата на 17 декември во Универзална сала ќе го промовираат истоимениот албум со стари македонски песни
ФОТО: Киро Попов
Еден од најдобрите машки вокали во земјава - Наум Петрески и етносоставот „Синтезис“ на 17 декември во Универзална сала во Скопје ќе одржат концертна промоција на својот прв заеднички албум со стари македонски песни, „Синтезис и Наум Петрески“. Најава на концертот, но и промоција на два нови видеоспота беа причина денеска напладне во МКЦ да се одржа коктел-средба со претставниците на седмата сила. Записите за темите „Сулејман седит на кула“ и „Што си толку Лено гајлелија“ ги изработи продукцијата „Кумев брадрс“.
„На албумот собравме многу стари македонски песни, целта е да ги вратиме во живот и повторно да се слушаат“, рече тапанарот на „Синтезис“, Радослав Шутевски. „Ви благодариме што издржавте три години да го завршиме албумот“, додаде Наум Петрески.
На прашањето што планираат по заедничкиот концерт, Марјан Јовановски од „Синтезис“ се пошегува дека прво чека да помине 21.12. па потоа ќе видат... Секако, следуваат концерти, гостувања и турнеи надвор од земјава. (К.Ш.)
|