10.12.2012, 12:11 Наградата „Балканика“ ја доби Недим Ѓурсел од Турција
Победникот го прогласи меѓународното жири со кое претседаваше професорот Ендрју Вахтел, ректор на Централноазискиот американски универзитет
Писателот Недим Ѓурсел од Турција за романот „Црвениот ангел“, е добитник на престижната книжевна награда „Балканика“ за 2011 година, која синоќа беше доделена во Велико Трново, Бугарија.
Во конкуренција за наградата беа романите „Куќичка“ на нашата писателка Оливера Николова, „Надолу по патот кон адот - и првата крстосница лево“ на бугарскиот кандидат Христо Карастојанов, „Случувања на Земјата“ на албанскиот поет Преч Зогај, романот „Исла Боа“ на Христос Астериоу од Грција, збирката раскази „Управителот на животи и други раскази“ н�� Мирела Розновеану од Романија и романот „Тито е мртов“ на Мирјана Новаковиќ од Србија.
Победникот го прогласи меѓународното жири со кое претседаваше професорот Ендрју Вахтел, ректор на Централноазискиот американски универзитет, а во него членуваше и нашиот писател Александар Прокопиев, минатогодишниот добитник на „Балканика“.
Недим Ѓурсел (1951) е еден од најпознатите турски писатели, добитник на значајни награди. Студирал на Сорбона каде што дипломирал модерна француска литература, а потоа и докторирал. Денес живее во Франција каде што на Сорбона предава турска литература.
|