10.12.2012, 16:07 Наполи поразен од Интер, Пандев не ги искористи шансите
Нашиот најдобар фудбалер одигра цело полувреме против неговиот поранешен тим Интер дуел во којшто неговите „наполитанци“ беа поразени со 2:1
Се зголемува минутажата на Горан Пандев во составот на Наполи. По 30 минути што ги одигра против ПСВ во рамките на Лига Европа, нашиот најдобар фудбалер одигра цело полувреме против неговиот поранешен тим Интер дуел во којшто неговите „наполитанци“ беа поразени со 2:1.
Капитенот на македонската репрезентација влезе во 46. минута, а седум минути подоцна се најде во гол-шанса, но пречката беше сојузник на голманот на Интер Самир Хандановиќ. До крајот Пандев имаше уште неколку шанси, но ниту една од нив не успеа да ја претвори во гол.
„Конечниот резултат не е реален исход на она што се случуваше на теренот. Постојано го контролиравме темпото на игра, создадовме повеќе шанси но не ги реализиравме. Не заслуживме пораз, но мораме да се помириме со тоа, бидејќи топката едноставно не сакаше по втор пат да влезе во голот на домашниот тим“, изјави по мечот Горан Пандев.
Овој пораз за Наполи значи губење на второто место на табелата кое по овој дуел ми припадна на Интер. Тимот на нашиот фудбалер се најде на третата позиција со четири бода помалку од лидерот во Серија А Јувентус. (М.К.) |