06.12.2012, 17:12 Армстронг, засега, ќе го задржи медалот
Откако ги загуби седумте шампионски титули од Тур де Франс, паричните награди и бонуси кои доаѓаа со нив и си заработи доживотна суспензија во велосипедизмот, Ленс Армстронг остана само на бронзениот медал од ОИ во Сиднеј, во 2000 година. Американската антидопинг-агенција (УСАДА) во октомври изнесе извештај со кој се докажува дека во периодот од 1999-2006 година Армстронг бил центар на масивна допинг-афера, а кратко потоа Интернационалната велосипедска унија (УЦИ) ја потврди неговата вина. Единственото тело кое се' уште се нема официјално огласено е Интернационалниот олимписки комитет (ИОЦ) кој, пак, е надлежен за единствениот трофеј што го има Армстронг од Олимпијадите, бронзата од Сиднеј. Молкот на ИОЦ го прекина претседателот Жак Рог со објаснување дека постои утврдена процедура која мора да се почитува пред да биде одземен медалот, а Армстронг да биде прогласен за дисквалификуван.
„ИОЦ нема да повлече никаков потег, бидејќи треба прво УЦИ официјално да го извести господин Армстронг за фактот дека ќе биде прогласен за дисквалификуван и ќе му биде одземен мед��лот. Откако ќе биде известен, тој ќе има 21 ден за да поднесе жалба. Дури по тој период ИОЦ може да преземе акција“, објасни Жак Рог на официјална средба со новинарите. Армстронг освои бронзен медал во индивидуален хронометар, но оттогаш постојано негираше дека користи недозволени средства, а никогаш не бил позитивен на ниту еден допинг-тест. Сепак, опсежната истрага на УСАДА понуди непобивни докази во форма на електронска пошта, банкарски сметки, лабораториски тестови и сведочења од 11 колеги на Американецот. |