07.12.2012, 15:57 СДСМ: Ќе направиме се' за да се спречат непродуктивните задолжувања
Ако помине и ова најново задолжување, Владата комотно ќе може парите да ги потроши за нови реклами, споменици или избори, велат од партијата
Ќе направиме се' што треба за да ги спречиме непродуктивните задолжувања на Владата. Вака вчера социјалдемократите ги објаснија своите мотиви да се обратат директно до првиот човек на Светска банка за да ја изразат својата загриженост, како и да ги преземат сите механизми што ги имаат на располагање за да ги стопираат новите долгови.
„Ако помине и ова најново задолжување, власта комотно ќе може и овие пари да ги потроши за нови реклами, споменици или избори. Видовме како завршија 220 милиони евра од Меѓународниот монетарен фонд, позајмени два месеци пред избори. СДСМ не сака и не смее да го дозволи тоа, имајќи ги предвид интересите на граѓаните и доброто на државата. Затоа велиме стоп“, изјави Зоран Јовановски, потпретседател на СДСМ.
Партијата, како што вели тој, вчера била лажно обвинета дека, спротивставувајќи се на најновото задолжување, наводно ги загрозувала интересите на граѓаните и се конфронтирала со Светска банка.
„Јавно сакам да кажам дека тоа е апсолутна невистина. Напротив, во оваа ситуација, изгледа дека СДСМ е единствениот кој суштински се грижи за интересите на граѓаните и на државата“, рече Јовановски.
СДСМ сака пред јавноста да ги расчисти дилемите околу комуникацијата со СБ. „Нашето писмо е испратено по соопштението до медиумите од локалната канцеларија на СБ, што значи дека тоа нивно соопштение никако не може да биде одговор на нашето писмо“, потенцира потпретседателот на партијата, додавајќи дека дури и да било така, тие се целосно убедени во исправноста на нивните ставови и се подготвени во секое време да разговараат на тие теми.
Причината за оваа партиска реакција бил фактот што СДСМ смета оти „Македонија забрзано се движи кон економска ситуација која по многу параметри непријатно наликува на грчкото сценарио“, и дека „ако не направиме нешто веднаш да запре сегашното неодговорно однесување на власта, таквото сценарио ќе стане неизбежно“.(Н.Н.Ф.) |