07.12.2012, 13:47 Владата ќе им го решава станбеното прашање на 1.200 семејства
Граѓаните ќе можат да ги откупат становите за 15 до 30 отсто поевтина цена, или за нив да плаќаат помал закуп
Владата ќе им го решава станбеното прашање на околу 1.200 семејства. Станува збор за приближно 1.000 семејства кои се' уште ги немаат откупено становите во кои живеат поради немање валиден документ за сопственост, и нешто помалку од 200 семејства на кои становите им се одземени со процесот на денационализација и се доделени на други сопственици.
„Бидејќи според досегашната Метологија по која се пресметуваше вредноста на станбениот квадрат цените на овие станови беа на ниво блиско до пазарните, Владата донесе измена на Уредбата со која се намалува коефициентот за пресметка на цената на станот. Врз основа на тоа цената на овие станови ќе биде намалена во просек за 15 до 30 отсто во однос на пазарната, во зависност од градот во кој е станот, неговата микролокација, староста на зградата и времето на користење. Ова е добра можност да се купат становите по намалени цени“, рече денеска на прес конференција владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев и додаде дека на оние граѓаните кои, сепак, нема да можат да ги купат становите, ќе им биде понудена можност за закуп, кој исто така ќе биде по цени помали од пазарните.
За оние граѓани кои останале без станови поради тоа што им се одземени со процесот на денационализација, а потоа доделени на друг корисник, Владата ќе обезбеди станови соодветни по квадратура со тие во кои граѓаните живееле. Според Ѓорѓиев, за реализација на оваа мерка ќе се искористат или постоечките станови со кои располага државата, или, што е поверојатно, ќе бидат изградени нови. (Б.А.)
|