06.12.2012, 14:52 „е-Бонтон“ за културна комуникација на интернет
Динамиката и интензитетот на социјалниот живот преку интернет-мрежите секојдневно се зголемува, што се' повеќе ја наметнува потребата за создавање правила за електронски бонтон.
Фондацијата „е- Македонија“ почнува со реализација на проектот „е-Бонтон“ со цел создавање правила за убаво однесување во е-комуникацијата и подигнување на јавната свест за начинот на кој луѓето комуницираат преку социјалните мрежи.
Станува збор за креирање „е-Бонтон“ - прирачник за електронска комуникација, во чија подготовка можат да се вклучат сите граѓани кои се активни во дигиталната комуникација. Се очекува овој прирачник да биде збирка на правила за етичко однесување и комуницирање при електронската комуникација од секаков вид, коишто ќе ја подобрат комуникацијата и меѓусебното разбирање меѓу луѓето.
„Целта на проектот е да ги поставиме основите на доброто однесување во виртуелнио�� простор и да дефинираме култура на однесување“, изјави Даниел Сас, претседател на Фондацијата „е-Македонија“.
„Неопходно е да се вклучат што поголем број граѓани кои секојдневно имаат интернет-комуникација, разговараат и ги споделуваат своите најважни моменти преку социјалните мрежи и кои знаат што е добро при таквиот начин на комуникација и што треба да се промени со цел да се подобри електронското општење. Благодарение на нивните искуства, совети и предлози, Фондацијата ќе го креира првиот прирачник од ваков вид во Македонија“, вели Радмила Јончевска, директор на Фондацијата „е-Македонија“.
Фондацијата креираше веб-страница www.ebonton.mk и фан-страница на „Фејсбук“ - „е-Бонтон“, кои се отворени за сите што сакаат да споделат мислења за да се креира прирачникот. Предлозите можат да се испраќаат на наведените страници до средината на јануари 2013 година.
|