07.12.2012, 12:21 Меѓународен тим ќе го истражува падот на „кингерот“
Новата истрага ќе биде отворена на почетокот од 2013 година и ќе ја водат експерти од Америка, Германија, Хрватска, Србија, Македонија и од БиХ
Новата истрага за авионската несреќа во која загинаа претседателот Борис Трајковски, неговите соработници и членовите на екипажот, ќе биде отворена на почетокот од 2013 година и ќе ја водат експерти од Америка, Германија, Хрватска, Србија, Македонија и од Босна и Херцеговина.
Најверојатно 13 члениот тим што ќе го истражува уривањето на авионот „Beechcraft Super King Air 200 Z3-BAB“ на 26 февруари 2004 година во близина на Мостар, ќе го предводи претседателот на Комисијата за воздухопловство при Минситерството за сообраќај и комуникации на БиХ, Омер Кулиќ.
Кулиќ, како што пренесува регионалното биро на Анадолија во Сараево, информирал дека формирањето на тимот ќе биде завршено до крајот на овој месец, а истрагата ќе започне 2013 година.
- Ќе видиме што е добро во првиот извештај и во материјалите кои се доставени од Македонија. Сето тоа ќе го земеме предвид, а потоа ќе работиме на сето она што значи неправилности во првиот извештај, изјавил Кулиќ. Тој најавил дека тимот повторно ќе излезе на терен, на местото каде што падна „кингерот“, а ќе биде направна и реконструкција на падот на авионот. Сепак, не прецизирал колку ќе трае истрагата.
Инаку, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во јули во Сараево на неговиот колега од БиХ Дамир Хаџиќ му презентира документ кој содржи нови сознанија за авионската несреќа.
Владиниот „Кингер“ со кој претседателот Трајковски патуваше на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, се урна на 26 февруари 2004 година атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Остатоците од авионот и настраданите беа пронајдени 24 часа по уривањето на „Кингерот“.
Во несреќата, покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски членови на обезбедувањето и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Комисијата за истражување на несреќата што ја формира Советот на министри на БиХ заклучи дека причината била „процедурална грешка на пилотската екипа во фазата на слетување на Мостарскиот аеродром“.
Обвинителството на БиХ не поднесе обвинение против никого за авионската несреќа. |