07.12.2012, 15:34 Пандев не го спаси Наполи од пораз
Капитенот на македонската репрезентација одигра 57 минути, но не успеа да се најде во гол-шанса
Камбекот на Горан Пандев на фудбалските терени се случи порано од очекувањата и прогнозите што деновиве постојано кружеа во медиумите. Нашиот најдобар фудбалер беше стартер кај Наполи во поразот на домашен терен од ПСВ Ајндховен со 1:3 во меч од последното коло во групната фаза во Лига Европа. Капитенот на македонската репрезентација на Македонија не успеа да се најде во гол-шанса. Пандев го напушти теренот во 57. минута, на негово место во игра влезе Инлер. Наполи, и покрај поразот, се одржа на втората позиција во групата Ф, зад украински Днипро, и обезбеди место во нокаут-фазата во Лига Европа напролет.
Нефчи на Игор Митрески успеа да остане непоразен во Милано. Азербејџанскиот тим одигра 2:2 на „Џузепе меаца“ против Интер и на крајот го освои третото место во групата Х. Поранешниот македонски репрезентативец беше во почетниот состав на гостите и ги одигра сите 90 минути во „градот на модата“. Во истата конкуренција Партизан ремизира со Рубин Казан во Белград (1:1). Александар Лазевски не беше ниту меѓу резервите кај „црно-белите“ во синоќешниот дуел.
Марибор загуби убедливо пред своите навивачи од Лацио со 1:4. Агим Ибраими беше стартер во домашниот состав и ги одигра сите 90 минути, но, за жал, не успеа да се впише меѓу стрелците.
Иван Тричковски воопшто не беше во комбинација кај Бриж на гостувањето во Португалија кај составот на Маритимо. Белгијците загубија со 2:1 и завршија како последни во групата Д.
Стеауа на Даниел Георгиевски го обезбеди потребниот бод (1:1) кај Копенхаген и го одбрани тронот во групата Е.
Кирјат Шмона загуби на „Жерлан“ од Олимпик Лион со 2:0. Дарко Тасевски беше во почетниот тим кај гостите од Израел кои останаа последни во групата И. Тасевски беше заменет во 63. минута, во меѓувреме влезе во бележникот на главниот судија.
|