06.12.2012, 15:51 Јаневски: Полска ќе биде добар тест за нас
Предводникот на фудбалскиот национален тим ќе бара успешен резултат и покрај тоа што станува збор за пријателски дуел
Македонскиот селектор Чедомир Јаневски на денешната средба со медиумите, а во рамките на официјалната промоција на соработката меѓу Фудбалската федерација на Македонија и Стопанска банка АД Скопје, категорично нагласи дека претстојниот пријателски дуел со Полска во Анталија е многу важен и од резултатски аспект за нашиот национален тим.
„Без разлика што ќе играме со фудбалери од домашното првенство, без разлика што се работи за тест-средба, ние од��ме со максимален ангажман кон уште еден успешен резултат, затоа што се работи за настап во националниот дрес, а во таков случај секогаш мора да има силен мотив за секој поединец“, истакна Јаневски не криејќи дека е задоволен што има можност на дело да ги види потенцијалите од домашната сцена.
„Ова е прв натпревар од ваков вид по подолг период за нас, и тоа како добредојден. Заедно со стручниот штаб веќе извесно време сериозно ги снимаме потенцијалите од нашата Прва лига и сметаме дека ги одбравме најдобрите 20 играчи во моментов. Секако тоа не значи дека во иднина нема да бидат повикувани и други фудбалери затоа што списокот е менлива категорија. Но, желбата е и во овој момент од овој играчки кадар кој ќе биде тестиран во Анталија да го прошириме репрезентативниот список и за идните квалификациски предизвици“, дополнува Чеде Јаневски.
Македонскиот селектор очекува тежок натпревар против Полјаците кои доаѓаат во квалитетен тим, со голем број стандардни репрезентативци.
„И Полска доаѓа со состав од домашното првенство, но тоа за нив значи и дека голем дел стандардни репрезентативци ќе настапат на натпреварот во Анталија. Не' очекува тешка средба, но верувам дека играчи ќе покажат желба и квалитет за позитивен резултат“.
Собирот на репрезентативците е закажан за в недела од 20 часот во хотелот „Континентал“ во Скопје, е веќе утрото на 10 декември се патува за Анталија каде што пред средбата ќе бидат одработени и три тренинзи. Натпреварот е закажан за 14 декември од 17,15 часот.
Стопанска банка АД Скопје - официјален спонзор на ФФМ
Фудбалската федерација на Македонија денеска и официјално го потпиша договорот со Стопанска банка АД Скопје за генерално спонзорство во следните две години. Претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, и генералниот извршен директор на Стопанска банка, Глигор Бишев, го истакнаа заемното задоволство од договорот за меѓусебна соработка.
„Во животот и во спортот добро е кога имаш некого на своја страна. Ние сме задоволни што сега во нашиот тим на наша страна ја имаме Стопанска банка, која ги препозна нашите активности поддржувајќи ја сета наша енергија и желба за идни позитивни резултати. Фудбалот е магнет за многу заеднички интереси. Ние сега кон новите успеси одиме заедно со Стопанска банка“, истакна претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски.
Првиот човек на Стопанска банка, Глигор Бишев, нагласи дека со заеднички сили ќе успеат како компанија да придонесат за поуспешни резултати на националниот тим.
„Повеќе од 70 години сме дел од успешната бизнис-заедница, дел од победите кои бараат жртва и ангажман. Тоа ни е заедничко со спортот. Фудбалот е тимска игра чија одлика е заедништвото, па од тој аспект негувајќи ги заедничките вредности се одлучивме да ја поддржиме Фудбалската федерација на Македонија на патот кон новите успеси“, рече Бишев.
|