07.12.2012, 09:11 Брахими преку Москва и Вашингтон ќе го отплеткува Сирискиот јазол
Русија и САД ќе бараат „конструктивни“ решенија за сириската криза, во Даблин изјави специјалниот пратеник на ОН и на Арапската лига за Сирија, Лахдар Брахими, по средбата со државниот секретар на САД, Хилари Клинтон, и рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров, во кулоарите на форумот на министрите за надворешни работи од Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
- Не сме донеле никакво сензационално решение, додаде Брахими. „Се согласуваме дека ситуацијата е лоша и дека треба да продолжиме да работиме заедно, за да најдеме конструктивни начини за ставање на овој проблем под контрола, со надеж дека ќе почне неговото решавање“, додаде меѓународниот посредник за Сирија.
Коментарот на Брахими, кој беше иницијатор на непланираната средба за време на конференцијата на ОБСЕ во Даблин, навестува дека по месеци на сериозни разногласија можеби се поставуваат темелите за почеток на ново координирање на напорите меѓу светските сили за решавање на сириската криза.
Функционер на Стејт департментот изјави дека следниот чекор ќе биде средба „во следните неколку дена“ меѓу Брахими и претставниците на САД и Русија за „разгледување на конкретни активности“.
Специјалниот посредник за Сирија подвлече дека тој ќе бара мировно решение врз основа на Женевската декларација, која предвидува создавање на преодна влада како чекор кон прекин на крвопролевањата во Сирија. Во Женевската декларација, донесена во време кога специјален пратеник за Сирија беше Кофи Анан, не се посочува дали Башар Асад ќе игра некаква улога во мировниот план.
По повод средбата во Даблин меѓу Клинтон, Лавров и Брахими, портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, изјави дека САД нема да постават пред сириската опозиција барање да почнува преговори со режимот во Дамаск доколку не добијат гаранции дека претседателот Асад ќе се откаже од власта.
- Според погледите на САД, Асад не може да остане на власт, подвлече Тонер.
Пред почетокот на вчерашните преговори во Даблин со Лавров и Брахими, што траеле околу 40 минути, државниот секретар Хилари Клинтон изјави дека според оценки на САД „настаните во Сирија се забрзуваат, што се гледа во многу различни аспекти, вклучувајќи го и зголемувањето на притисокот врз режимот внатре и околу Дамаск“. Таа додаде дека заедно со Русија, САД работат засилено за запирање на крвопролевањата во Сирија и дека Вашингтон поддржува се` за што се залага Лахдар Брахими.
Во Москва вчера руски пратеник и сојузник на претседателот Владимир Путин изјави дека сириската влада веќе не е способна добро да си ја врши работата, што, според аналитичарите, е знак дека Русија се обидува да се дистанцира од претседателот Башар Асад. Во понеделникот во Турција, самиот Путин изјави дека се појавиле „нови, свежи идеи“ за прекин на кризата во Сирија.
Весникот „Вашингтон пост“ во средата соопшти дека силите за безбедност на режимот почнуваат да отстапуваат под притисокот на бунтовниците. А амбасадорот на САД во Сирија, Роберт Форд, отповикан од Дамаск уште во февруари, затворањето на аеродромот во сириската престолнина и борбите во неговата околина ги нарече јасен доказ за прелом на ситуацијата во корист на востаниците и знак за приближување на крајот на режимот на Асад. |