06.12.2012, 15:48 Вилфред Мартенс згрозен од повикот за „бугарска пролет“
Станишев изјави дека влада што не сака да си замине демократски, ќе замине на друг начин
Претседателот на европските народни партии, Вилфред Мартенс, е згрозен од повиците на претседателот на ривалските социјалистички партии во ЕП, Сергеј Станишев, за „арапска пролет“ во Бугарија. „Бев скаменет кога слушнав дека претседателот на втората по големина група на политички партии во Европа излегува со ваква недемократска изјава на прес-конференција“, реагираше Мартенс со писмено соопштение.
Повод е изјавата на Станишев, инаку поранешен бугарски премиер, дека „влада што ја изгубила довербата на народот и не сака да си оди мирно, демократски, ќе замине на друг начин“. Иако не објаснува како треба да замине влада што не сака да си замине демократски, Мартенс го оквалификува ставот на Станишев како неприфатлив и во конфликт со воспоставените европски норми на демократско однесување. Тој го повика Станишев да се повлече јавно од изјавата и да ја поправи грешката, наведувајќи воедно листа на аргументи зошто актуелниот бугарски премиер Бојко Борисов е подобар премиер од него, а неговата влада подобра од таа на критички насторениот Станишев. Според Мартенс, Борисов во 2009 година ги добил изборите по постојаните неуспеси на национален и европски план на Станишев, а оттогаш воспоставил макроекономска стабилност на Бугарија, имплементирал реформи и ги искористил умно фондовите на ЕУ. „Борисов има мнозинство во парламентот и, како секоја демократски избрана влада, ќе побара повторно доверба на граѓаните на крајот на четиригодишниот мандат“, му порача Мартенс на Станишев. По настаните во Словенија и по протестите во Шпанија, ова е гласен повик за протести во трета земја на ЕУ во која на власт е народна партија, иако реално ситуацијата во Бугарија не изгледа драматична. (Н.Р.)
|