09.12.2012, 14:46 Возбудлив крај на мултикултурниот и разнобоен „Таксират 14“
Во арената „Метрополис“ заврши четиринаесетката на „Таксират“ со музика за неколку илјади уши со различен звучен сензибилитет
Бојан Шашевски
„Таксират“ годинава повторно се најде во изборот на „Европските фестивалски награди“ со номинација за најдобар затворен и најдобар мал фестивал. За разлика од своите почетоци, кога стартуваше како прилично ситен и независен фестивал со акцент на гитаријадата, низ многубројните декемвриски термини се издигна на високо интернационално рамниште и ги прошири музичките видици. Притоа, секогаш чувајќи го алтернативниот дух и иницијативата за поттик на квалитетни, свежи и возбудливи артисти. Така беше и на последново издание. Во саботата во саемската арена „Метрополис“ финишираше фестивалската „четиринаесетка“ со разнобојна музика за неколку илјади уши со различен звучен сензибилитет. Како што велеше и мотото на „Таксират 14“, посетителите можеа да го „свртат Скопје наопаку“. Безрезервно да играат, пеат, да се смеат, скокаат до раните утрински часови. Убава можност!
На сцената прва се качи јамајската реге-кралица Тања Стивенс. Најголемата разлика меѓу Тања и сите останати артисти што доаѓаат од Јамајка е нејзината екстремно разновидна фан база, од основци до граѓани кои во вторник, петок и сабота бесплатно се возат во автобусите на ЈСП. Вивиен Тања Стивенсон покажа една интимна, духовита, афирмативна и позитивна енергија. Се работи за софистициран поет што знае да се ја слави хуманоста, да се противи на себедеградацијата, а и да ги разбива стереотипите за машките реге-пејачи од Кингстон. Од присутните во „Метрополис“ се збогува со хитот „It's a pity“.
Велшкиот метал-реге бенд „Скиндред“ навистина умее да го размрда аудиториумот. Веднаш поделија жар низ надоаѓачката публика. Инстантна адреналинска инјекција. Насекаде викање, играње, шутки, скокање во вис. Звучеа цврсто, гласно, моќно, експлозивно. Ги засвиреа „Stand for something“, „Trouble“, „Pressure“, „Warning“... Пејачот Бенџи Вебе беше нескротлив комуникатор со публиката. Како што вели и самиот енергичен фронтмен, на бината претставуваше ем-си и човек за возбуда, чија задача е да ги раздвижи и да ги расположи луѓето. И успеа! Брадестиот гитарист Мики Демус немаше душа да ги испее единствените две реченици за кои беше задолжен, но затоа Бенџи константно пееше и создаваше еуфорија за цела сала. „Скидред“ интегрираа метал и реге, но и панк, хардкор, хип-хоп, драм ен бејс и дабстеп елементи. Единствена замерка е што договорената свирка траеше 45-60 минути. Да се надеваме дека нареден пат „Пасворд продукција“ ќе ги донесе на целовечерен концерт.
Единаесет години од својот последен настап, култната хип-хоп групација „Чиста околина“ се вратија на сцена и продолжија од идентично место. Од пред обожавателите од насобраниот Скопски саем. Ицко, Самоил, Виџи и Јане беа засилени од басистот Гоцем, но и гитаристот Сецко Сеад - Хаџиќ од „Мугер Фугер“. Дел од публиката веднаш ја пратија во времето, во детството. Хип-хоп феномен во „Метрополис“ донесе звучни предизвици и улични стихови од „старата школа“. Уште еднаш гласно, јасно и експлицитно ги искажаа аномалиите на општеството. Да живее хип-хоп културата! Ќе живее се' додека ликови како „Чиста околина“ не потсетуваат зошто рапот не е само миновна тинејџерска станица.
Групата „Че Судака“ буквално е родена на улиците на Барселона и обединува музичари од Аргентина и Колумбија. Турнејата во 2012 година низ 27 земји ја финишираа токму на „Таксират 14“. Посветени на социјалната контра-култура, бендот својот мултикултурниот став и експресија ги сврзуваат низ шпански, баскиски, каталонски, португалски, англиски, , па понекогаш и низ француски и италијански песни. На разиграната домашна публика и се заблагодарија со зборовите: „Фала многу. Ве сакаме“. „Че Судака“ секогаш се неделиви од проблематиките со емигрантите, социјалното угнетување, неправдите и воените „решенија“ по национални прашања. Насмеани, но со бунтовнички предзнак. Низ музиката на „Че Судака“ впивавме мали сокаци, разџагорени барови и мирис од медитеранските пристаништа. Колоритна и тотално позитивно наелектризирана банда. Аудиториумот во транс. Играње до заболени коленици. Реге, рага, ска, панк и јужнноамериканска фолк музика.
Фестивалски звуци за ведри и весели „таксиратџии“.
Исто како и Стивенс, „Че Судака“ настапија во рамки на проектот „Мултикултурализмот во музиката“. По тој повод, во ходниците на Скопски саем беше поставена изложба на цртежи, слики, постери и една симболична вц шоља која е преполна и се „гуши“ со пасоши и визи.
При настапот на белградскиот рок состав „Ван Гог“ се доби чувство на дежа ву. По којзнае кој пат ги исвиреа истите песни. Оттаму беше логичен извикот на еден дечко од публиката „Браќа, па не сме ве гледале со денови“. Од репертоарот не избегаа темите „Неко те има ноќас“, „Нек те тело носи“, „Списак разлога“, „Лудо луда“. Сепак, голем дел од присутните се' уште на памет ги пеат овие теми. „Ван Гог“ ги добија потребните воздишки и ракоплескање.
Пред финишот, односно пред настап на домашниот електронски продуцент Кирил Џајковски заедно со ТК Вондер и МЦ Васп, на сцена излезе Паров Стелар и неговиот тим инструменталисти. Салата се претвори во големо разиграно диско. Насекаде шарени светла, блицови, ечи електро-свинг, а над главите на „таксиратџии“ голем бел балон-цепелин. Паров Стелар опиваше со посебен шарм, естетика со соул, поп, џез, свинг, грув ритмови. Стелар зад диџеј пултот, а на сцена трубач, гитарист и долгонога девојка што пее и ја заведува публиката. Современо и свежо, под аура на музичка елегантност. |