10.12.2012, 15:22 Светската премиера на „Хобит“ и во Скопје
Во „Синеплекс“ на 13 декември ќе го видиме првиот филм од новата трилогија на Питер Џексон истовремено со 25 илјади светски кина
Сунчица Уневска
На 13 декември заедно со 25 илјади светски кина скопската публика ќе присуствува на ексклузивната премиера на филмот „Хобит: неочекувано патување“ на Питер Џексон, кој треба да пристигне во новите киносали на „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“. Овој долгоочекуван филм ја враќа приказната од „Господарот на прстените“ по 11 години, но сега поместена 60 години понапред од случувањата во познатата трилогија, која оствари неверојатна гледаност и освои вкупно 17 „оскари“. Интересно е дека Џексон се враќа со уште една трилогија направена според делата на Џ.Р.Р. Толкин, чиј прв дел „Хобит“ тргнува овој месец, додека останатите два, „Дезолација на Смауг“ и „Таму и повторно назад“, треба да излезат во декември следната година и во јули 2014 година.
Станува збор за адаптацијата на првиот роман на Толкин кој е насловен „Хобит“, а кој е издаден во 1937 година. Се разбира дека во него ќе проследиме уште едно епско патување во чие средиште е Билбо Багинс, кој заедно со волшебникот Гандалф и 13 џуџиња ќе тргне да го спаси кралството Еребор од змејот Смауг. Тука се повторно жителите на познатото Меѓуземје, кое иако измислено, стана своевидна одредница за сите фанови на „Господарот на прстените“ кои се склони да веруваат во неговото магично постоење. Одејќи во местото наречено Темнодол низ дивината и Магливата шума, овие патници повторно ќе се борат со Орки и тролови, ќе ги среќаваат самовилите, гоблините и многубројните чудни суштества, како и она кое ќе ги обележи овие фантастични приказни, ликот на Голум.
Слично како и Џорџ Лукас, кој се врати со уште една трилогија од серијалот „Војна на ѕвездите“, која се осврнува на случувањата пред оние што ги гледавме во првата, култна трилогија на овој американски визионер. Само што за „Хобит“ се знаеше уште пред воопшто и да ги гледаме филмовите од „Господарот на прстените“, затоа што Џексон беше со оваа идеја уште од 1995 година. Но, требаше навистина многу време и услови за да се надминат сите пречки и да се заврши снимањето на овие филмови. Имено, интересно е дека иако првата трилогија на Питер Џексон имаше голем успех, остварувајќи шест милијарди долари со што апсолутно ги оправда вложените 285 милиони долари, сепак, снимањето на новата трилогија не одеше ни малку лесно.
Проблемите произлегоа прво поради авторските права. Имено, студиото „Ворнер Брос“ влезе во парница со наследниците на Толкин, која ја загуби и мораше да им исплати на име на тантиеми за „Господарот на прстените“ 150 милиони долари. Потоа, мексиканскиот режисер Гилјермо дел Торо кого Питер Џексон го одбра да биде автор на оваа трилогија, по две години работа на сценаријата за филмовите заедно со Питер Џексон, во 2010 година, откако студиото МГМ банкротираше, го напушти проектот. Во тоа време тешко беше да се добие и актерот Мартин Фримен, кого Џексон го смета за најдобриот избор за улогата на Билбо Багинс, поради неговите обврски околу снимањето на серијата „Шерлок“, а на крајот се разболе и Питер Џексон. Токму затоа, премиерата на првиот филм од оваа трилогија, првично планирана да биде во декември 2011 година, се одложи цела година, а снимањето на сите три филма кое почна на 21 март 2011 траеше цели 266 дена. На неговата прва премиера, која се одржа на 28 ноември во Велингтон на Нов Зеланд, каде што е роден Џексон, а и каде што повторно се снимаше трилогијата, изјави дека е пресреќен што „Хобит“ воопшто постои, бидејќи неговото настанување било врзано со такви радикални потези, што и самиот не верувал дека кога било ќе го видиме на големиот екран.
А покрај Мартин Фримен, во филмот повторно ќе играат извонредниот Јан Мекелен како Гандалф, Кејт Бланшет како Галадриел, Кристофер Ли како Саруман, Илајџа Вуд како Фродо, потоа Енди Серкис како Голум, а тука се и Хјуго Вивинг кој го игра Елронд и Орландо Блум како самовилата Леголас. Она што е карактеристично за овој филм е новата техника, односно „Хобит“ е прв филм снимен во техника од 48 слики во секунда, што на гледачите во 3-Д формат ќе им даде чувство на далеку поголема подвижност на сликите. Специјалните ефекти, оружјето и костимите повторно ги потпишува работилницата „Вета“, но е интересно дека овде Орките не се работени рачно туку се компјутерски генерирани. Музиката, исто така, повторно ја потпишува Хауард Шор, а ја изведува Лондонската филхармонија. Велат дека толку бил голем интересот во Велингтон, што покрај црвениот килим и големата сцена направена во стилот на сценографијата во филмот, самиот град накратко го променил името во Центар на меѓуземјето.
Според пишувањата, веќе владее мислење дека лудилото за „Хобит“, но и за следните два филма, завладеа со светот. Тие се повторно направени во раскошна и богата продукција, за чие снимање се потрошени 500 милиони долари. Авторите и овој пат, како и за „Господарот на прстените“, најавуваат неверојатни доживувања, но тоа не значи дека оваа авантура наменета за деца и за возрасни не изобилува со големи предизвици и со силна психолошка обработка на ликовите и настаните. „Филмовите почнуваат невино, како во некое златно време на благост и вистина, но полека влегуваат во заканувачката мрачно доба и мрачни случувања“, изјавуваат тие, што не е случајно со оглед на тоа што сценаристите Џексон и Торо водеа сметка за времето кое влијае на настанување на книгата, а тоа е Првата светска војна. Како и да е, „Хобит: необично патување“ е пред нас, а по него со нетрпение ќе ги исчекуваме и „Дезолација на Смауг“, како и „Таму и повторно назад“. |