06.12.2012, 15:03 „Антитело“ - нов албум на „Фолтин“
„Овој албум е продолжение на приказната на ’Ова трансплантирана машина...‘, а акцентот е македонскиот јазик на кој пееме“, рече вокалистот на „Фолтин“, Бранислав Николов
Своевидно продолжение на хит-албумот „Ова трансплантирана машина за чукање“ од 2008 година, со времетраење од 17 минути, со поезија на македонски јазик, музика збогатена со нови инструменти, се неколкуте елементарни карактеристики на новиот албум на битолската група „Фолтин“ насловен „Антитело“, кој денеска во Младинскиот културен центар ја доживеа својата промоција. Пред љубителите на автентичниот звук на „Фолтин“, албумот го промовираше директорот на МКЦ, Златко Стефковски, кој истакна дека првата концертна промоција на „Антитело“ ќе се случи токму во МКЦ кој се јавува и како издавач, на 21 декември во реновираната концертна сала.
Фронтменот на „Фолтин“, Бранислав Николов, истакна дека материјалот на новиот албум е направен во кратка форма, бидејќи, како што рече, нивен фах се токму таквите форми. „Овој албум е продолжение на приказната на ’Ова трансплантирана машина...‘, а акцентот е македонскиот јазик на кој пееме. Содржи неколку класични, стандардни композиции, и две пократки форми. Долго работевме на овој албум, иако со многу прекини, но се преиспитувавме, сакајќи да го достигнеме нашето совршенство“, рече Николов, кој додаде и дека купиле нови инструменти кои го збогатуваат звукот.
На прашањето зошто е наречен „Антитело“, Николов рече: „Кога пишуваш поезија и кога ја свириш, имаш некој апстрактен израз и му оставаш на слушателот самиот да го разбере тоа како што сака. Насловот буди интересирање. Во темите се гледа нашата идеја, а тоа е да бидеме слободни, да живееме слободно и слободно да зборуваме. Таа слобода ја сакавме и во текстовите. Да бидат разбирливи, овој пат да не пееме на измислен јазик. Сите оние што ја сакаат слободата, на почетокот ќе ги прими општеството, а на крајот суптилно ќе ги уништи“, рече Николов.
Албумот е сниман и миксан во студиото „Тра ла ла“ на Мите Димовски. „Ова е моја четврта соработка со ’Фолтин‘. Сега звукот е потврд, има поинаква енергија, се' е снимено во живо и материјалот брзо го сработивме“, рече Димовски.
Златко Стефковски истакна дека е многу задоволен што соработува со ваков тип бендови и дека во издание на МКЦ ќе следуваат уште промоции, меѓу кои и новиот албум на „Беј д’фиш“. Одличниот дизајн на обвивката на „Антитело“ е на Атанас Георгиев-Фаца. (Т.И.) |