| 06.12.2012, 20:58Наталија Бондарчук сака да снима филм во Битола 
 
  
 Познатата актерка од Русија попладнево оствари средба со битолскиот градоначалник Владимир Талески
 
 Познатата актерка од Русија, Наталија Бондарчук попладнево оствари средба со битолскиот градоначалник Владимир Талески, а вечерва ја отвори манифестацијата циклус филмови на Андреј Тарковски реализирана со помош на Рускиот културно-нформативен центар во Софија, Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, Филмскиот фонд на Македонија и НУ Центар за култура – Битола.
 
 Ќерката на оскаровецот, режисерот Сергеј Бондарчук, познатата ѕвезда од култниот филм „Соларис“, Бондарчук на средбата со Талески искажа желба за понатамошна соработка и снимање филм во Битола.
 
 - Во моментов го снимам филмот „Тајната на снежната кралица“, но кога го погледнав овој прекрасен град сфатив дека сакам пеш да се прошетам низ градот, да ги видам убавините и зградите, а кога го видов градоначалникот Владимир Талески добив желба да снимам филм со него, истакна актерката Бондарчук.
 
 Наталија Бондарчук прв пат доаѓа во Македонија и совршено го разбира македонскиот јазик. Вечерва во НУ Центар за култура-Битола ќе присуствува на манифестацијата циклус на филмови на Андреј Тарковски и првата проекција односно филмот „Соларис“ каде ја игра во насловна улога.
 
 - Изненаден сум што Бондарчик многу знае за нашиот град, за нашата култура, за нашиот фестивал, за првата камера, истакна градоначалникот Владимир Талески, кој воедно на актерката од Русија и подари икона со заштитникот на градот Св. Нектариј Битолски.
 
 Во филмскиот циклус ќе бидат прикажани и „Сталкер“ (1979), „Андреј Рубљов“ (1966), „Ивановото детство“ (1962), „Огледало“ (1974) и документарен филм за снимањето на „Соларис“. Ќе биде промовирана и книга „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ од Атанас Чупоски, издание на Кинотеката.
 
 Наталија Бондарчук (1950) дипломирала на катедрата за филм во Москва, а дебитирала во 1970 година во филмот „Езеро“. Светска слава добила во 1972 година со улогата на Хари во култниот научно-фантастичен филм „Соларис“. Како режисер и сценарист Бондарчук дебитирала во 1975 со филмот „Несреќната мајка“.
 
 
 
 
 
 
 
 |