06.12.2012, 15:40 Изложба на книги на современи српски писатели во НУБ
На изложбата беа претставени околу 200 изданија, меѓу кои и книгите на Давид Албахари и Владислав Бајац
Во НУБ „Св. Климент Охридски“, на изложбата на книги од современи српски писатели која се отвори денеска, преведени на македонски јазик, се претставени околу 200 изданија, меѓу кои и книгите на Давид Албахари и Владислав Бајац, добитници на книжевната награда „Балканика“. Беше одржана и трибина на тема „Преводот и преведувањето: состојби и перспективи“, на која учествуваа преведувачи и издавачи од Србија, како и тројца познати српски писатели: Гордана Кирјаниќ, Александар Гаталица и Воислав Карановиќ. Настаните се дел од договорот за соработка што го потпишаа националните библиотеки на Македонија и на Србија пред неколку месеци. „Овие средби се одличен повод за размена на искуства на планот на преведувањето и издаваштвото во нашите две национални средини. Според македонската национална библиографска база, од 1990 до 2012 година се преведени над 600 публикации од српски на македонски јазик“, рече директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Миле Бошески, најавувајќи дека напролет, во Националната библиотека на Србија, ќе биде отворена изложба на литературни дела од Македонија преведени на српски јазик.
Дејан Ристиќ, директор на Националната библиотека на Србија, која годинава одбележува 180 години постоење, изјави дека соработката на двете библиотеки ќе продолжи и со други активности, меѓу кои е и организирањето заедничка изложба на словенски ракописи идната година во Белград. „Верувам дека активностите на нашите две национални библиотеки ќе придонесат дополнително за успешна и континуирана соработка во културата меѓу двете пријателски земји и ќе бидат додатна мотивација за издавачите, преведувачите и научниците за поголем број преводи“, рече Ристиќ. Изложбата во НУБ ја отвори македонскиот заменик-министер за култура, Драган Недељковиќ. (К.Б.) |