07.12.2012, 22:17 Честитка од премиерот Груевски по повод празникот Св. Климент
Премиерот Никола Груевски по повод големиот христијански празник 8 Декември - Св. Климент Охридски упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г.Стефан, до Синодот и до православните верници.
- Свети Климент Охридски е еден од најголемите светители во црковната и националната историја на македонскиот народ. Со неговата работа како учител и книжевник, просветител и архиереј се поставија темелите на нашата духовна просвета и култура, и на нашата света Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Во оваа исклучителна личност, Македонија го има временскиот стожер околу кој се врзани нашето културно и цивилизациско минатото, но и нашите сегашност и иднина, се вели во честитката.
Образецот и делата на Свети Климент, се додава, се безвременски и вечни.
- Неговата личност била израз на благост и благородност, молејќи се, тој учел за молитва, работејќи, давал пример за трудољубие, а творејќи извршил целосна духовна и културолошка преобразба на луѓето од Македонија, Балканот и пошироко. Неговите букви се пишуваа, се пишуваат и уште долго ќе се испишуваат во Македонија, задолжувајќи го и човештвото, и остварувајќи силно влијание и на општиот општествен негов развој.
Токму затоа, се наведува во честитката, Свети Климентовиот глас и име, носено од брановите на вечната светлина, одекнува веќе 11 столетија и ќе продолжи да одекнува и во иднина.
- Наша обврска е да продолжиме да чекориме по од него трасираниот пат, со трудољубива и посветена работа, со одговорен пристап, и со вложување во функција на задоволување на интересите на граѓаните, со создавање трајни дела од корист за народот, со развој на образованието и културата, и со практикување и водејќи се од системот на вредности. Нека е вечно неговото име и неговото дело ! Нека ни е за многу години големиот државен празник, стои во честитката од премиерот Никола Груевски
|