07.12.2012, 15:53 Макрадули: Барањата на „Аман“ против самоволието на Регулаторна
На првиот ден од собирањето потписи за измени во Законот за енергетика, опозицискиот кандидат за градоначалник на Скопје, Јани Макрадули, ги поддржа барањата на граѓанска иницијатива „Аман“ за враќањето на евтината дневна тарифа за струја и укинувањето на Правилникот за топлинска енергија на Топлификација. Кандидатот на опозициската коалиција „Сојуз за иднината“ смета дека барањата на „Аман“ се противат на самоволието и партиските одлуки на Регулаторната комисија за енергетика.
„Одлуките одат директно на штета на граѓаните, а во корист на државата и на енергетските монополи. Две од овие одлуки беа посебно апсурдни и донесени на крајно нетранспарентен начин. Да потсетиме дека Регулаторната комисија на 1 август, во пресрет на празникот Илинден, кога поголем дел од граѓаните се на одмор или празнуваат, скришно, на крајно нетранспарентен начин донесе одлука со која струјата ја поскапува за десет проценти, а во исто време ја укинува и дневната евтина тарифа“, рече денеска Макрадули, додавајќи дека опозицијата укажала на ваквиот, според него, нечесен потег на Комисијата ќе значи зголемување на цената на струјата за над 20 проценти, а тоа го покажале и податоците на Државниот завод за статистика. „Граѓаните имаат полно демократско право да се побунат против ваквите одлуки на Регулаторната комисија и затоа оваа иницијатива ја има нашата поддршка“, констатираше Макрадули. (Б.Ш.)
|