06.12.2012, 10:03 Обама пак највлијателен во светот
Американскиот претседател Барак Обама повторно е на врвот од списокот на највлијателни личности во светот, што секоја година се изготвува од американското списание „Форбс“.
Според списанието, Обама на еден решителен начин ги освои американските претседателски избори и има четири години пред себе за да постигне напредок со својата програма, иако пред себе ќе има големи предизвици. И покрај тоа, тој останува вистинскиот водач на слободниот свет, посочува списанието.
На најновата ранг листа на „Форбс“, Обама е следен во чекор од германската канцеларка Ангела Меркел и од рускиот претседател Владимир Путин. На четврто и петто место се коосновачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, и поглаварот на Римокатоличката црква, папата Бенедикт Шеснаесети.
На шесто место е претседателот на американската централна банка Бен Бернанке. Францускиот претседател Франсоа Оланд е на 14-то место. Во ранкингот, меѓу останатите Европејци се и гувернерот на Европската централна банка, Италијанецот Марио Драги (осмо место), британскиот премиер Дејвид Камерон (10-то место), и италијанскиот премиер Марио Монти (29-то место).
Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард е на 38-то место.
Најмлад на списокот е основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг, кој се наоѓа на 25-то место, откако минатата година заврши на деветото место. Медиумскиот магнат Руперт Мардок е на 26-то место.
Во ранкингот, на 44-то место се најде и младиот севернокорејски лидер Ким Џонг-ун.
Во подготвувањето на овој список, составен од 71 личност, списанието „Форбс“ користи неколку фактори - бројот на луѓето над кои личностите имаат власт, финансиските ресурси што тие ги контролираат, дали овие личности имаат влијание во повеќе сфери и начинот на кој личностите ја спроведуваат својата власт. |