07.12.2012, 16:49 Македонски „Беверли Хилс“ во Орман и во Злокуќани
Сакате луксузен дом како во холивудските филмови? Заработете милион евра и упатете се кон северната периферија на Скопје
БИЛЈАНА АНГЕЛОВСКА
Скопје наскоро ќе добие два станбени комплекса со ист предзнак, елитен. Но, и со други заеднички белези. Новиот комплекс „Верина“ кој се гради во селото Орман неодоливо потсетува на комплексот „Злокуќани“, кој, пак, кај граѓаните остана запаметен како првата „жртва“ на првата сериозна акција на градежната инспекција од пред повеќе од 10 години кога до темел беа срамнети три комплетно изградени објекти.
Комплексите „Верина“ и „Злокуќани“ имаат заеднички нишки кои ги поврзуваат во повеќе сегменти. Пред се' ист инвеститор и ист архитект. И двата комплекса се локациски сместени во непосредна близина на Скопје, во еколошки чиста средина во околината на главниот град. Се работи за станбени комплекси доволно изолирани од градската врева, а, сепак блиску до градот и истовремено нудат содржини за среден и пријатен живот. Во едниот се градат објекти за колективно домување, додека во другиот има индивидуални куќи.
Новиот станбен комплекс „Верина“ со луксузни станови опкружени со езеро и базени се гради покрај скопската обиколница во селото Орман. На 30.000 квадратни метри во тек на изградба се седум згради со станови со големина од 170 до 210 квадрати. Комплексот е од затворен тип со сопствено обезбедување. Во негов состав ќе има и зеленило распослано на површина од 15.000 квадратни метри, порибено езеро со вештачки водопад, базен со пикник простор, детско игралиште, билијард-клуб и фитнес-центар опремен со сауна и турска бања.
Комплексот во Злокуќани, пак, требаше да има вкупно 11 објекти од кои два беа предвидени за хотели, едниот со 11, а другиот со 12 соби. Но, хотелите заедно со уште една куќа, која беше наменета за самиот инвеститор, пред десетина години беа урнати до темел. Останатите осум објекти „преживеаја“. Тие се индивидуални станбени куќи секоја со по близу 400 метри квадратни и исто толкава површина за дворно место. Куќите се така поставени да имаат одредена поврзаност со езерото во комплексот. На почетокот, идејата на архитектите била во комплексот да има две порибени езера, но и тие беа урнати во акцијата на инспекцијата, бидејќи, како што беше наведено тогаш, биле изградени во заштитната зона на археолошкиот локалитет „Скупи“.
И „Верина“ и „Злокуќани“ уште на прв поглед освојуваат со својата едноставност. Без кичерај, со смирени линии објектите во комплексите ја отсликуваат традиционалната македонска архитектура одлично вклопена во теренот. Сепак, организираното живеење и во зградите и во куќите е со сите услови што ги наметнува едно современо домување. Засега останува непознато колку ќе чини станбениот квадрат во „Верина“, иако предзнакот елитен логично ја „крева“ цената.
Комплексот „Злокуќани“, пак, одамна е вселен. И по повеќе од 10 години од спектакуларното рушење на трите објекти, остана енигма што всушност, се случи и која беше вистинската причина за инспекциската акција. Иако официјално беше наведено дека објектите се градени без одобрение и во заштитната зона на „Скупи“, низ јавноста кружеа разни шпекулации. Инвеститорот Благоја Николовски се обидуваше да докаже дека спорните објекти се надвор од заштитеното подрачје и нема основа за рушење, но не успеа да ги спречи багерите. Неофицијално се зборуваше дека од вложените, тогашни нешто повеќе од 10 милиони германски марки, со уривањето биле уништени приближно седум милиони. Случајот „Злокуќани“ потоа заврши на суд и по неколкугодишно талкање по македонските судови, на крајот се најде во Стразбур. Потоа, државата мораше да му плати отштета на инвеститорот. |