07.12.2012, 13:16 Грција не е подготвена на компромис за името
Флоријан Бибер, директор на Центарот за европски студии при Универзитетот во Грац, не верува дека Грција е во состојба да направи отстапка
За натамошното проширување на Европската унија постојат два проблема - едниот е опаднатото расположение за тој процес во Унијата, а вториот е немањето начини за решавање на билатералните спорови како што се српско-косовскиот или проблемот со Македонија, вели во интервју за Радио Слободна Европа Флоријан Бибер, директор на Центарот за европски студии на Универзитетот во Грац, кој не верува дека Грција е во состојба да направи отстапка.
За надминување на првиот проблем, односно тоа што земјите членки на ЕУ сега не се расположени за проширување, Бибер истакнува дека е оптимист, бидејќи еден ден економската криза ќе мине и тогаш ќе има поинаква атмосфера. Тој прецизира дека вториот проблем е во тоа што Европската унија се` уште не најде начин како да го реши проблемот меѓу Србија и Косово, како и проблемот со Македонија.
- Кога станува збор за Македонија за да се дојде до преговори е потребен компромис, но не гледам дека Грција сега е во состојба да направи таков исчекор, особено не со премиер кој во голема мера е одговорен за спорот пред дваесет години. Во економска криза националистите ги добиваат изборите, така што Грција не е подготвена да прави компромиси, смета Бибер.
Според него, во контекст на економската криза во ЕУ евидентна е тенденцијата за опаѓање на солидарноста внатре во Унијата што и влијае врз процесот на проширувањето. Тоа, како што посочува, се изразува така што многу земји, особено соседи на Западен Балкан, го користат тој процес за да инсистираат на своите инетереси.
- Грција тоа постојано го правеше и мислам дека загуби многу легитимитет во Европската унија. Таа тоа го користи и натаму, но тоа е само краткорочно успешно, додека долгорочно, тоа може да води до перцепција дека таа земја е егоистична и оти не го гледа заедничкиот интерес. Гледаме како Грција ја забавува Македонија, а имавме конфликт и меѓу Словенија и Хрватска, па дури и Романија и Србија. Гледаме процес на злоупотреба на моќта на една членка на Унијата спрема земја која тоа не е, при што нема рамнотежа, вели директорот на Центарот за европски студии на Универзитетот во Грац.
Тоа, како што наведува, не е легитимно водење политика и оди на штета на земјата која ја злоупотребува својата позиција.
Затоа, според него, земјите не треба да бидат оценувани врз основа на нивните билатерални спорови, туку врз база на целокупниот процес на нивните реформи.
- Го гледаме тоа и во извештајот на Европската комисија, имено дека билатералниот спор со Грција не би требало да биде дел од процесот за проширување и оти Македонија веќе би требало да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Тоа е лош пример кој ни зборува дека треба да бидеме загрижени и во поглед на другите билатерални спорови во Западен Балкан, наведува Флоријан Бибер, директор на Центарот за европски студии на Универзитетот во Грац, оптимистички додавајќи дека сепак, Европската унија извлекува лекции и искуствата од минатото. |