06.12.2012, 10:58 (ФОТО) Пеколно утро во Усје, татко и син настрадаа во пожар
ФОТО: Киро Попов
Татко и син настрадаа во силен пожар што избувна во нивната куќа во скопската населба Усје. Љупчо Тасевски (37) го загуби животот, а неговиот 65-годишен татко се здоби со изгореници, но е надвор од животна опасност. Причините за пожарот се испитуваат. Таткото и синот се грееле на шпорет со дрва, а од увидната екипа можеше да се разбере дека оџакот не бил исчистен.
Семејната трагедија на Тасевски се случила утрово, петнаесетина минути пред 9 часот, соопшти полицијата. Огнените јазици пламнале во куќата во која живееле таткото и синот.
„Почна да гори од собата во која спиеше синот. Куќата е мала, оганот се ширеше насекаде, се обидовме колку што можеме да спасиме, дојдоа пожарникари, со црева се гаснеше“, раскажуваат шокираните соседи.
Изгоре речиси целата куќа, оганот ги сотре и ѕидовите. Испукаа прозорците, од инвентарот не остана ништо. Сликата што ја затекнавме во Усје беше страотна. Надлежните вршеа увид, се собираа остатоци, се бараа докази за причините. (Г.А.)
|