07.12.2012, 22:10 Свечена академија за празникот Св. Климент Охридски
Секоја генерација има своја борба. Борбата на Св. Климент Охридски е со неписменоста, незнаењето и духовното и интелектуално слепило. Ние денес имаме и знаење, и писменост и информации, а борбата на нашата генерација е насобраниот интелектуален капитал да го инвестираме во младите, знаењето да го примениме и да го ставиме во функција на создавање напредна, европска Македонија, и задоволување на реалните потреби на граѓаните. Во тоа може да ни помогне мудроста која ни е оставена од Свети Климент.
Ова го истакна престедателот на државата Ѓорге Иванов на свечената академија по повод големиот верски и државен празник 8 Декември, денот на Свети Климент Охридски - основоположникот и патронот на Македонската православна црква, во организација на Македонската академија на науките и уметностите.
На свеченоста во МАНУ, на која присуствуваа премиерот Никола Груевски, претставници на Владата, институции, на верските заедници и дипломатскиот кор, Иванов потсети дека годинава во Света Софија прославивме два јубилеја - 45 години од возобновувањето на Охридската архиепископија - МПЦ и од формирањето на МАНУ, а врската која ги поврзува овие два столба на македонската самобитност е токму делото на Св. Климент Охридски, првиот словенски архиепископ, втемелувачот на првиот словенски универзитет, светител и просветител.
- Дел од темелите на нашата генерација се поставени и врз делата на словенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј се јавија како „светлина на помрачените, учители на младите“, а нивното дело го продолжија и надградија св. Климент Охридски и неговиот духовен брат св. Наум Охридски. Тие во нашата духовна и културна престолнина ја создадоа Охридската книжевна школа, тој најстар словенски универзитет. Универзитет, кој станува книжевно жариште на словенскиот јазик. Универзитет кој свети како кандило низ историјата, пренесувајќи го делото на солунските браќа од едно на друго поколение во сите словенски земји. Универзитет кој денес, 11 века по упокојувањето на св. Климент повторно го обновуваме, рече шефот на државата.
Оцени дека севкупното дело на св. Климент нe упатува кон врвните етички вредности и принципи. Да имаме личен и професионален интегритет и да бидеме одговорни, бидејќи секое стекнато право подразбира и одговорност.
- Како „добра фиданка од добар корен“, тој го вложи сиот свој земен живот за да им даде просветлување на оние кои и при очи беа слепи, и при уши беа глуви и при јазик, неми. И ден денес, св. Климент е кормилар на нашиот јазик, исправител на нашите зборови. Никогаш не сееме да заборавиме дека сите поколенија од тогаш до денес се резултат на таа инвестиција. Секоја изговорена мисла, секој напишан и прочитан збор, секоја испечатена книга на нашиот мајчин македонски јазик е плод од семето што го посеаја просве��ителите. Можеби токму затоа св. Климент во фрескоживописот е секогаш сликан со голема глава, бидејќи за народот тој е синоним за умот, науката и знаењето. Народот имал голема почит кон својот голем учител, рече Иванов.
|