07.12.2012, 12:53 Номинација за „Греми“ за македонскиот филмски оркестар „Ф.А.М.Е.С“
Музиката на Остин Винтори од видеоиграта „Патување“ која е снимена во студиото М2 на МРТ е номинирана за наградата „Греми“ за најдобра музика во визуелни медиуми
Оркестарот „Ф.А.М.Е.С“, составен од македонски музичари, кои во француска продукција, во студиото М2 на МРТ веќе неколку години снимаат музика за холивудски филмски проекти, повторно е номиниран за една престижна музичка награда. Всушност музиката на Остин Винтори од видеоиграта „Патување“ (Journey), која е снимена во студиото М2 на МРТ е номинирана за наградата „Греми“ за најдобра музика во визуелни медиуми. Ова е, всушност, воопшто прва номинација за „Греми“ за виде��игра.
Другите номинирани во истата конкуренција се филмовите: „Авантурите на Титан - Тајната на еднорогот“ со музиката на Џон Вилијамс, „Артист“ - музика на Лидовик Бурс, „Воскреснувањето на Темниот витез“ со музика на Ханс Зимер, „Девојката со тетоважа на змеј“ со музика на Трент Резнор и Атикус Рос.
Доделувањето на 55. награди „Греми“ ќе се одржи на 10 февруари.
Македонскиот оркестар „Ф.А.М.Е.С“ есенва веќе беше награден со „Еми“ за музиката во филмот „Хемингвеј и Гелхорн“.
|