01.12.2012, 12:27 (ФОТО) Реконструирана фасадата на објект во Старата скопска чаршија
Куќата е изградена меѓу двете Светски војни и е со препознатлива архитектура, а нејзината фасада пред конзервацијата беше во деградирана состојба
Фасадата на куќата лоцирана на улицата "Битпазарска" бр. 81, во Старата скопска чаршија е конзервирана, а овој објект, кој е дел од проектот за обнова и конзервација на фасадите на објекти во стари градски јадра низ Македонија го посети Министерската за култура Елизабета Канчевска Милеска.
Куќата е изградена меѓу двете Светски војни и е со препознатлива архитектура, а нејзината фасада пред конзервацијата беше во деградирана состојба, делумно поради несоодветната санација извршена по земјотресот од 1965 година, а делумно поради несоодветниот третман на одржување од страна на сопствениците, односно корисниците. Фасадата ја конзервираше Конзерваторскиот центар - Скопје.
"Со реализацијата на проектот за санација на уличната фасада на овој значаен објект, убедена сум дека ќе се даде придонес кон зачувување на архитектонско-стилските вредности на Чаршијата и секако ќе се овозможи соодветен третман на споменичкото наследство. Истовремено, се надевам дека преку овој проект ќе се даде придонес и кон зголемување на свеста на останатите корисници на простор во оваа значајна споменичка целина за соодветно зачувување на објектите со автентична архитектура" рече министерката за култура, воедно информирајќи дека наскоро се планира и промоција на обновените фасади на автентичните споменични целини во Охрид, Битола и Прилеп.
Во Старата скопска чаршија Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска се сретна и со уметничкиот директор на тамошниот Детски театарски центар, Бајруш Мјаку. Таа изјави дека овој Центар кој годинава е добитник на државната награда "Мајка Тереза", е носител на прогресивни идеи за едукацијата на најмладите преку театарот и дека токму затоа, неговата улога во мултиетничкото општество на Македонија е од големо значење. Нагласи и дека во годишните програми за остварување на националниот интерес во културата, Министерството за култура редовно ги поддржува неговите проекти.
Детскиот театарски центар годишно продуцира по две претстави со 30 бесплатни репризни изведби, а го посетуваат над 13.000 деца од предучилишна и училишна возраст.
|