03.12.2012, 09:55 Трети декември - Меѓународeн ден на лицата со инвалидност
Со низа манифестации во Македонија ќе биде одбележан Меѓународниот ден на лицата со инвалидност
Македонија денеска со низа манифестации го одбележува 3-ти декември-Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.
Главната манифестација по овој повод, во организација на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, ќе се одржи во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“ во Скопје. Обраќање ќе има министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, а претставници на националните инвалидски организации ќе расправаат на тема „Бариерите со кои се соочуваат лицата со инвалидност во Македонија“. Ќе биде доделена и традиционалната награда „3-ти Декември“.
Министерот Ристовски, заедно со америк��нскиот амбасадор Пол Волерс, шефот на делегацијата на ЕУ, Аиво Орав и постојаниот координатор на ООН Диардре Бојд, ќе присуствува и на промоцијата на Извештајот за состојбата на лицата со хедикеп во Република Македонија „Хендикеп-слагалка што недостасува“, во организација на Движењето против хендикеп „Полио плус“.
Овој извештај има за цел да даде пресек на состојбата во која се наоѓаат лицата со хендикеп во периодот до ратификацијата на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп, до крајот на 2011 година. Неговата улога е да го претстави досега постигнатото, но и да ги предочи главните проблеми и предизвици кои ја очекуваат Македонија во оваа област.
Истовремено ќе се изврши и промоција на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.
За одбележување на овој ден, Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје организира приредба на која ќе присуствува министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
На учениците од ова училиште таа ќе им подари примероци од каталогот на Музејот на македонската борба за државност и самостојност отпечатен со Брајово писмо, друга литература и ЦД и ДВД од фестивалот „Златно славејче“.
Исто така, деца од посебното основно училиште „Златан Сремац“ заедно со министерката Канческа-Милевска ќе го посетат Театарот за деца и младинци и ќе ја проследат театарската претстава „Алиса во земјата на чудата“ од Васил Пујовски.
Во Посебното основно училиште „Иднина“ во општината Чаир, министерот за образование и наука Панче Кралев и директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски ќе донираат спортски реквизити.
Здружението на инвалиди на трудот-корисници на инвалидска пензија-Бутел во општината ќе одржи пригодна програма.
Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија - Мобилност Македонија организира изложба на слики од Третата ликовна колонија „Охрид 2012“ во Порта Македонија.
Под мотото „Обои ме во пријател“, ЛК Кабадаја организира дефиле по Широк сокак во Битола на кое ќе учествуваат децата од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор, ОУ „Свети Климент Охридски“ и деца од основните и средните училишта во Битола. По дефилето, децата ќе се упатат во Центарот за култура, каде ќе гледаат филм, ќе изработуваат цртежи и модели за пријателството, наменети за хуманитарна продажба.
По повод Денот на лицата со хендикеп, Комисијата за заштита од дискриминација преку соопштение истакнува дека институциите треба да вложат поголеми напори во унапредување на статусот на лицата со хендикеп и да преземаат поинтензивни мерки за спроведување на утврдените правила и стандарди. Истовремено ги охрабруваат лицата со хендикеп да се обратат до Комисијата доколку бидат жртва на дискриминација по основ на хендикеп.
Комисијата упатува на поголема ангажираност кај институциите во јавниот и приватниот сектор за надминување на сите архитектонски и инфраструктурни бариери со кои се соочуваат лицата со хендикеп и да вложат поголеми напори за прилагодување на условите во училиштата, универзитетите, работните места и транспортот.
Исто така, Комисијата укажува на потребата од промени на законодавството, определување поголеми буџетски средства и преземање конкретни мерки во насока на поголемо интензивирање на вработувањето на лицата со хендикеп во јавната администрација. |