04.12.2012, 10:27 Циклус филмови на Андреј Тарковски
Вечерва во Кинотеката на Македонија циклусот ќе го отвори руската актерка и режисерка Наталија Бондарчук, а ќе трае до 9 декември и ќе видиме пет филма
Денеска во 20 часот во Кинотека на Македонија ќе почне циклусот посветен на еден од најзначајните современи руски автори, Андреј Тарковски, што ќе го отвори руската актерка и режисерка Наталија Бондарчук, која пристигна во Македонија специјално по тој повод. Овој циклус, кој ќе трае до 9 декември и во чии рамки ќе видиме пет филма, ќе се отвори со култното дело на Тарковски, „Соларис“ од 1972 година, во кое игра Наталија Бондарчук, а кое и' ја овозможи светската слава.
„Соларис“ го имаше и својот римејк во 2002 во режија на Стивен Содерберг, но ова е можност за оние што не го виделе да го погле��нат ова оригинално дело направено по романот на Станислав Лем, кое останува неприкосновено патување на Тарковски во имагинарниот свет, комплексно, исклучително, преполно со симболика. Наталија Бондарчук, инаку ќерка на познатиот актер и режисер Сергеј Бондарчук, во филмот е во улогата на Хари, а на отворањето ќе зборува за тоа како се создавал овој филм.
Тарковски е еден од оние уметници кои упорно трагаат по духовното и по смислата на постоењето, воспевајќи ја филмската уметност, пред се', како уметност во која пулсираат заедно сликата, музиката, времето и животот. Тој ќе направи само седум играни филма, со кои ќе се докаже како вистински виртуоз на филмското платно, во генијален филмски творец кој ќе го одбележи 20 век. Во рамките на овој циклус ќе се прикажат и филмовите: „Сталкер“, „Ивановото детство“, „Андреј Рубљов“ и „Огледало“.
Истиот овој циклус ќе се одржи од 6 до 11 декември и во Центарот за култура во Битола, каде што исто така ќе гостува Наталија Бондарчук. Циклусот ќе биде збогатен и со промоција на книгата „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на Андреј Тарковски“ на Атанас Чупоски. (С.У.) |