28.11.2012, 12:14 Одбележани сто години од раѓањето на Кирил Пенушлиски
На јубилејното чествување беше истакнат придонесот на основоположникот на науката за фолклорот во Македонија
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Институтот за македонска литература организираа свечен собир по повод сто години од раѓањето на Кирил Пенушлиски, основоположник на науката за фолклорот во Македонија.
На јубилејното чествување, што е зацртано и во Програмата за одбележување годишнини на значајни настани и личности во 2012, беше истакнат придонесот на Пенушлиски кој со шеесетината публикации или „стамено дело“, како што неговиот оп��с го нарекол Гане Тодоровски, ја втемелил и развил македонската фолклористика.
- По Константин Миладинов, Мисирков и Конески, прв вистински фолклорист беше токму професорот Пенушлиски. Создаде опус што допрва ќе се оценува од генерациите. Неговите шеесетина трудови претставуваат златен фонд на македонската фолклористика по ослободувањето. Навистина го заслужува нашето внимание од повеќе аспекти - и како организатор на фолклористиката во Македонија, прв професор по народно творештво на нашиот Универзитет, и како истражувач, собирач и презентатор на македонското усно народно творештво, истакна академик Блаже Ристовски, кој му бил студент на Пенушлиски, а подоцна и негов соработник.
Пенушлиски е заслужен за афирмирање на делото на најпознатиот македонски собирач на народни умотворби Марко Цепенков, кое целокупно, во 10 тома, е објавено во 1972 од „Македонска книга“. Првите осум тома ги редактирал Пенушлиски, а последните два тома - Томе Саздов и Блаже Ристовски.
- Изданието предизвика еуфоричен прием кај нашата и странската стручна јавност и беше исцрпено, а потоа имаше уште два тиража, рече Ристовски. Тој забележа што Македонската академија на науките и уметностите не го примила Пенушлиски во своите редови и во која и денес, како што рече, упорно се одбиваат етнолози и фолклористи кои се континуитетот на духовната култура и идентитет.
Кирил Пенушлиски (1912-2004) по Втората светска војна бил предавач по усно народно творештво на Филозофскиот факултет, потоа и редовен професор, декан на Филолошкиот факултет и ректор на Скопскиот универзитет
|