30.11.2012, 11:54 Амбасадорите на ЕУ-членките в среда ќе расправаат за Македонија
Амбасадорите на земјите-членки на Европската унија дури за в среда го одложија заклучокот во врска со препораката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори за членство на Република Македонија во рамки на декемврискито Самит на Европскиот совет.
Во разговор со дописникот на МИА од Брисел, Никос Христодулидис, портпарол на Кипарското претседателство со Унијата, истакна дека Корепер 2 групата синоќа не разговарала во врска со заклучокот за Македонија, а иако и денеска продолжуваат со работа, точката поврзана со одредување на датум за почетокот на преговорите со нашата земја е одложена дури за идната недела.
- Амбасадарите на земјите-членки во рамки на Корепер 2 групата ќе се сретнат и денеска во зградата ан Европскиот совет во Брисел, но во среда (5 декември) ќе разговараат во врска со извештајот за Поранешната југословенска Република Македонија, ни изјави портпаролот Христодулидис.
Одложувањето на одлуката за Македонија е јасен сигнал дека во ЕУ нема консензус на пониско дипломатско ниво за прифаќање или одбивање на четвртата едноподруго позитивна препорака на Комисијата за почеток на пристапни преговори. Токму поради тоа, в среда се очекува амбасадорите да дадат само некакво мислење, а конечната одлука, односно заклучок ќе биде донесен на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на министерско ниво на земјите-членки, што е само три дена пред Самитот на Европскиот совет.
|