01.12.2012, 12:13 Во „Дрекслермаер“ во Кавадарци вработени 200 лица
Во моментов во фабриката на германски „Дрекслермаер“ во Кавадарци се вработени околу 200 лица кои по разни основи се упатуваат на преквалификации, доквалификации или доусовршување во одредени земји, информираше претседателот на кавадаречкиот Економско социјален совет Илија Тренчев, на синоќешната седница на Советот.
Говорејќи дека има и други компании кои се заинтересирани да вложуваат во кавадаречко, Тренчев најави дека следната 2013 година ќе биде година на инвестициски бум во Кавадарци. Притоа се осврна и на германската инвестиција во винарница.
- Инвеститорите го ценеа фактот што во Тиквешијата има 260 сончеви денови во годината кои се идеални за производство на одлично грозје кое пак е основа за добивање на врвни вина, рече претседателот на Советот.
На последната седница на Советот за оваа година се расправаше и за состојбата со зелената економска зона во Кавадарци. Тренчев образложи дека под зелена економска зона всушност се подразбира територијата под Кожуф која некогаш беше дел од општината Конопиште.
- Зелената економска зона треба да има значајно место во идните програми за локален економски развој. Неа можеме да ја ја развиваме и преку проекти за прекугранична соработка со соседна Грција, нагласи Тренчев.
На седницата беа присутни претставници на локалната власт, синдикатот, образованието, земјоделството...
|