02.12.2012, 15:14 Сите задоволни од ремито во Минхен
Дуелот меѓу Баерн М. и Борусија Дортмунд заврши без победник (1:1)
Баерн Минхен и Борусија Дортмунд одиграа без победник 1-1, во дербито кое го одбележа 15. коло на германската Бундес-лига. Двете екипи беа задоволни од ремито, а сигурно на ваквиот резултат се израдуваа и во тимот на Баер Леверкузен, кој со минималниот триумф против Нирнберг се зацврсти на второто место, но и се доближи на едноцифрена негатива во однос на лидерот Баерн.
И Баерн и Борусија почнаа со офанзивни состави, но важноста на мечот не дозволи многу атракција и отворена игра. Двете екипи играа претпазливо и во првото полувреме мрежите мируваа. Единствената шанса домаќините ја имаа преку Томас Милер, а на спротивната страна шутот на Марко Ројс беше недоволен да се совлада Мануел Нојер. Ни во второто полувреме немаше многу шанси. По промашувањето на Матс Хумелс во 51. минута, следуваше казна за гостите. Тони Крос ја прими топката на 20 метри од голот, одлично се ослободи од Хумелс и Суботиќ и погоди за водство на Баварците. Актуелниот првак сепак не се предаде. По само седум минути Марио Геце погоди од околу 11 метри за израмнување, што на крајот се покажа како конечен резултат. Германскиот репрезентативец Томас Милер имаше две одлични шанси да донесе нова радост за навивачите на „Алијанц арена“, но не успеа да го совлада гостинскиот голман Вајденфелер. Тренерот на Баерн, Јуп Хајнкес, смета дека токму Вајденфелер е најзаслужен што гостите си одат непоразени од Минхен.
„Ова беше динамичен меч меѓу две екипи кои играат модерен и тактички фудбал. Започнавме многу добро и доминиравме во првите 20-ина минути, но потоа ја изгубивме контролата над мечот. Во вториот дел ни требаше 15-ина минути повторно да се вратиме во ритам. Имавме шанси да дадеме и втор гол, но нивниот голман Вајденфелер беше одличен и ги спаси. Задоволен сум од прикажаното со оглед на тоа дека пред само неколку дена игравме тежок меч и против Фрајбург“, рече Јуп Хајнкес.
Шампионот Борусија остана на 11 бода зад најголемиот ривал, но гостинскиот тренер Јирген Клоп не беше разочаран што неговиот тим не победи на ова тешко гостување. „Беше сјаен меч. Двете екипи го дадоа најдоброто од себе. Јас сум задоволен од освоениот бод. Нашиот голман е најзаслужен за ова реми“, рече Клоп.
Баер Леверкузен со гол постигнат од офсајд-позиција стигна до минимална победа од 1-0 против Нирнберг, доволна за нови три бода. Во 37. минута Штефан Кислинг беше во недозволена ситуација, судијата не сигнализираше офсајд, па напаѓачот го искористи превидот на арбитрите и го совлада противничкиот голман. По водството „фармацевтите“ до крајот го контролираа мечот и не дозволија гостите да се понадеваат дека може да стигнат до реми.
Шалке 04 продолжува со лошите резултати, откако овојпат одигра само 1-1 на свој терен против Борусија Менхенгладбах. Домаќините се спасуваа од пораз, откако тимот од Минхенгладбах поведе со голот на Де Камарго во 62. минута. Тинејџерот Јулијан Дракслер погоди на четири минути пред последниот свиреж на судијата, што беше доволно Шалке да го освои само вториот бод во последните четири меча во првенството.
За Бадштубер заврши сезоната
Дефанзивецот на Баерн Минхен, Холгер Бадштубер, сериозно се повреди на дербито против Борусија Дортмунд и ќе паузира до крајот на сезоната. Германскиот репрезентативец во 37. минута беше изнесен на носилки откако се пожали на повреда на десното колено. По лекарските прегледи било утврдено дека дефанзивецот ги скинал вкрстените лигаменти на коленото, повреда која бара многу мирување. Џером Боатенг треба да биде замената за Бадштубер.
Резултати: Фортуна - Ајнтрахт 4:0, Баер Л. - Нирнберг 1:0, Шалке - Борусија М. 1:1, Мајнц - Хановер 1:1, Аугзбург - Фрајбург 1:1, Гројтер Фурт - Штутгард 0:1, Баерн М. - Борусија Д. 1:1. |