27.11.2012, 15:25 Пандев се враќа за дербито со Интер
Повредениот напаѓач на Наполи се очекува да биде „фит“ за дуелот со својот поранешен клуб на 9 декември
Повредата која ја влече од дуелот против Џенова, и натаму го остава најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев надвор од дресот на Наполи. Капитенот на нашата репрезентација не настапи и на последниот дуел за „наполитанците“, кои по победата од 0:1 на гостински терен против Каљари се доближија на само два бода од водечкиот Јувентус во Серија А. Според изјавите на стратегот на Наполи, Валтер Мацари, и натаму нема да се брза со враќањето на Пандев на терените за непотребно да не се комплицира неговата состојба, се' додека не биде комплетно подготвен за игра.
„Не сакаме да избрзуваме со враќањето на Пандев. Иако се чувствува далеку подобро, сепак одлучивме да не ризикуваме против Каљари, а ќе видиме каква ќе биде ситуацијата и околу следниот натпревар. Јасно е дека Горан ни е потребен за долгата сезона“, изјави Мацари за италијанските медиуми.
Се очекува, македонскиот репрезентативец да може да биде на располагање за следниот натпревар во Калчо-лигата против Пескара на 2 декември, или евентуално за дуелот против ПСВ на 6 декември во рамките на Лигата на Европа. Иако од тимот сепак нагласуваат дека основната интенција ќе биде Горан Пандев да биде максимално подготвен за 9 декември кога „небесносините“ ги очекува дерби-натпреварот против неговиот поранешен клуб, Интер. Па, токму затоа очекувањата се дека вистинското враќање на Пандев ќе биде на голема пресметка на „Џузепе Меаца“.
Претходно, нашиот офанзивец пропушти три натпревари за Наполи, против Милан и Каљари во рамките на италијанскиот шампионат како и на гостувањето против АИК во Стокхолм во Лигата на Европа.
|