28.11.2012, 09:38 Металург му наплати на Татран
Со победата од 30:19 надоместен службениот пораз за неодењето во Прешов на стартот
Ракометарите на Металург успешно ја одработија увертирата на дуелот со Шамбери во Лигата на шампионите в сабота, декласирајќи го Татран со 30:19 во Автокоманда во рамките на десеттото коло од СЕХА-лигата. Победата на македонскиот шампион во целост го анулира службениот пораз од 10:0 поради тоа што не отпатува за Прешов на стартот од регионалното натпреварување. Тогаш Словаците не покажаа разбирање за барањето на „металурзите“ за поместување на мечот во друг термин, напротив, инсистираа на казна за недоаѓањето, па овие +11 на н��кој начин се одговор за нефлексибилноста.
Желбата за одмазда на теренот ја потврдува фактот дека домаќинот го одигра речиси целото прво полувреме со првиот состав, кој донесе предност од 16:9 со која се замина на одморот. Но, не одеше се' подмачкано во почетокот, па тренерот Лино Червар по само 11 минути побара тајм-аут, кога на семафорот стоеше 4:4. Гостите се држеа уште пет минути, кога Оливер Рабек намали на 7:6, но следуваа четири гола на Металург и оттогаш, па до крајот на средбата разликата само се зголемуваше.
Натпреварот го пропуштија голманот Петре Ангелов и повредениот Миладин Козлина.
Металург - Татран 30:19
Полувреме: 16:9. Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Гледачи: 800. Судии: Циндриќ и Гонжурек од Хрватска. Седмерци: Металург 6/6, Татран 1/2. Исклучувања: Металург 6 мин., Татран 2 мин.
Металург: Станиќ (13+1 одбрани), Митревски (5 одбрани), Ракчевиќ 2/3, Левов, Вугринец 2/6, Наумоски 1/1, Георгиевски 1/3, Манасков 5/9, Миркуловски 1/3, Маркоски, З. Мојсоски 1/1, Додер 2/2, Н. Мојсоски 7/10 (5/5), Стоилов 1/2, Батиновиќ 5/6 (1/1), Јоновски 2/2.
Татран: Крупа, Веркиќ Радченко 0/1 (11 одбрани), Рабек 4/11, Марушак, Мажар 0/1, Хрстка 2/3 (1/1), Урбан, Крок 4/8, Собол, Радченко 1/5, Тумидалски 1/1, Чип 1/3, Гузи 1/3, Пејовиќ 2/3, Антл 2/4 (0/1), Петро 1/3.
ЗАГРЕПЧАНИ СИГУРНИ ВО ДОБОЈ
Кроација осигурување Загреб оствари очекувана победа на гостувањето во Добој, каде што ја совлада Слога со 27:21. Нексе пред своите навивачи во Нашице го преслуша Борац од Бања Лука со 33:25. Ловќен во Цетиње беше подобар од Извиѓач со 24:22. Мечот меѓу Брест и Вардар про што требаше да се одигра синоќа во Мешков е одложен поради реваншот на црвено-црните со Магдебург в недела во Скопје.
Табела: Загреб 22, Нексе 19, Металург 18 (-1), Татран 18, Вардар про 17 (-1), Ловќен 17, Мешков Брест 13 (-2), Извиѓач 9, Борац 7 и Слога 0. (Р.Д.)
|