29.11.2012, 11:13 Црвенкоска нов играч на ЖРК Вардар СЦБТ
Во својата интернационална кариера, искусната македонска репрезентативка една сезона настапуваше во турскиот Ускудар, а претходно една сезона играше во Грција
Билјана Црвенкоска, средниот бек на македонската ракометна репрезентација е новото засилување во составот на ЖРК Вардар СЦБТ. Како што соопштија од клубот Црвенкоска стави потпис на договорот кој ќе има важност до крајот на сезоната, со можност тој да се продолжи.
- Среќна сум што после шест години поминати во странство, се враќам во Скопје и во Македонија. Задоволство е да се игра за ЖРК Вардар СЦБТ и да се биде де�� од ваков максимално професионален клуб. Ќе ми биде чест да ги бранам боите на клубот и се надевам дека заедно со другите девојки ќе успееме да ги оствариме целите што ги има зацртано ЖРК Вардар СЦБТ за оваа сезона, изјави Црвенкоска за официјалниот сајт на клубот.
Во својата интернационална кариера, искусната македонска репрезентативка една сезона настапуваше во турскиот Ускудар (2008/2009), а претходно една сезона играше во Грција, во тимот на ГАС Артас (2006/2007).
Црвенкоска кариерата ја почна во 2001 година во Кометал Ѓорче Петров и во вкупно деветте сезони поминати во клубот (пет во Кометал ЃП и четири во Еуростандард ЃП) постигна најголема афирмација како играч. |