30.11.2012, 09:24 ОН ја призна Палестина како држава-набљудувач
Во Обединетите нации синоќа беше изгласано унапредувањето на палестинскиот статус од набљудувачки ентитет во набљудувачка држава.
Генералното собрание на Обединетите нации синоќа го изгласа унапредувањето на статусот на Палестинците во меѓународната организација од ентитет набљудувач во држава набљудувач нечленка, со 138 гласа „за“, девет „против“ и 41 „воздржан“.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас во своето обраќање пред гласањето го оцени како „последна можност да се спаси дводржавното решение со Израел“ и повика да се „даде потврда за раѓање и реалност на Палестинска држава“.
Абас алудираше на создавање независна палестинска држава која ќе живее во мир и безбедност заедно со Израел, што беше цел на преговорите кои се веќе две години во ќорсокак.
- Палестина доаѓа денеска во Генералното собрание бидејќи верува во мир и дека на нејзиниот народ тој очајнички му е потребен, рече Абас, чиј говор беше дочекан со овации.
Обараќајќи се пред Генералното собрание на ОН, Абас појасни дека сака „да вдахне нов живот“ на напорите да се постигне мир со Израел, кому светот мора да му каже - „доста агресија, населување и окупација“.
- Меѓународната заедница сега стои пред последната шанса да го спаси дводржавното решение, нагласи Абас во говорот кој траеше 22 минути, во кој често алудираше на неодамнешната израелска воена операција врз Појасот Газа.
Израелскиот амбасадор во ОН Рон Проснор истакна дека овој чекор на Палестинците „не претстваува чекор кон мир, туку го турка назад“.
По усвојувањето на резолуцијата, на подот на ГС на ОН беше раширено палестинското знаме. Палестинците на Западниот брег и Газа веднаш излегоа на улиците да ги прослават резултатите од резолуцијата.
Против резолуцијата за Палестина гласаа Израел, САД, Канада, Чешката Република, Панама и четири пацифички земји Маршалски острови, Микронезија, Науру и Палау.
Нетанјаху ja осуди острата критика кон Израел во говорот на Абас
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја осуди острата критика кон Израел во говорот на палестинскиот претседател Махмуд Абас во ОН, оценувајќи ја како непријателска, отровна и „полна со лажна пропаганда“.
- Тоа не се зборови на човек кој сака мир, истакна Нетанјаху откако Абас се обрати во Генералното собрание на ОН пред гласањето за индиректното признавање на палестинската државност, наспроти фактот што нема мировен договор со Израел.
И американскиот државен секретар Хилари Клинтон синоќа изнесе критики на признавањето во Генералното собрание на Обединетите нации на Палестина како држава набљудувач нечленка, истакнувајќи дека таквата одлука ќе создаде дополнителни препреки на патот кон мир меѓу Палестинците и Израелците.
Клинтон усвоената резолуција за унапредување на статусот на Палестина во меѓународната организација ja оцени како „несреќна и контрапродуктивна“ одлука.
- САД јасно ставија до знаење дека единствено преку директни преговори меѓу страните може Палестинците и Израелците да постигнат мир, кој двете страни го заслужуваат. Две држави за два народи, одржлива независна Палестина која постои една покрај друга во мир и безбедност со еврејски и демократски Израел, истакна Клинтон во Вашингтон.
Експертите оценуваат дека новиот статус на Палестинците ќе претставува притисок на Израел во новите преговори, но дека во реалност многу малку работи ќе промени.
Израелската окупација нема да исчезне преку ноќ, бидејќи единстевниот пат што води кон тоа е преговарачката маса. Еврејските населби, поради чија изградба Палестинците одбиваат да преговараат и понатаму ќе постојат, а нема знаци и за брзо обновување на преговорите. |