01.12.2012, 23:15 (ФОТО) Најубедлив лет на „штрковите“
Кошаркарскиот шампион на Македонија ја забележа и шестата победа во АБА-лигата, откако вечерва убедливо го победи Шолнок Олај сo 87-53
ФОТО: Петр Стојановски
МЗТ Скопје го запиша шестиот триумф во АБА-лигата откако на домашен терен со убедливи 87:53 го декласираше унгарски Шолнок, кој во ниту еден момент не беше рамноправен противник.
Македонскиот шампион како го почна така и го заврши мечот. Првпат бевме сведоци на константна игра „зачинета“ со атрактивни потези, мудро искористени напади и голем број на асистенции, што пак придонесе грижите на фановите на МЗТ Скопје за кратката клупа брзо да исчезнат.
Предводени од Тодор Гечевски и неговите 13 поени во првата четвртина „штрковите“ добија сила. Двете тројки и поенот од поле на искусниот центар беа најава дека победата над унгарскиот состав ќе биде повеќе од лесна задача.
Така и беше.
Избраниците на Алеш Пипан по само девет минути игра дојдоа до првата двоцифрена предност (19:8), по што за нецели 30 секунди го најавија крајното сценарио.
Позитивата од 21:11 со серија од 11-0 за кратко време ја претворија во високи 32:11. Но, македонскиот шампион не се засити со оваа предност, почувствува дека противникот е целосно скршен, па на полувремето се замина со резултат 47:26.
Во продолжението не се промени буквално ништо, МЗТ Скопје по третата четвртина дојде до позитива од плус 30 поени (68:38), што пак беше доволен знак за Словенецот Пипан да почне полека да одмора дел од кошаркарите. Шанса доби и младиот Стефан Турњанин, кој одигра солидно, запиша четири поени и украде една топка.
Подолгата минутажа, но и доминацијата под обрачите максимално ја искористи Николиќ (13 пени) се неколку атрактивни забивања како да сакаше да даде до знаење дека управата заедно со стручниот штаб не треба да размислуваат на ново центарско име.
Број еден кошаркар на теренот беше Гечевски, постигна 20 поени (15 ги постигна во првото полувреме), заедно со шест скока и четири асистенции. Двоцифрен број на поени постигнаа Дамјан Стојановски (15), Кејт Дејвис (12) и Ѓорѓи Чековски (10).
„Ова беше еден од најважните натпревари за нас. Добро се подготвивме, бевме свесни дека поради големиот број поврдени играчи ќе мора да одиграме максимално, да не паднеме во ниту еден момент. Го сторивме токму тоа, одигравме одлично и заслужено славевме“, изјави по мечот Дамјан Стојановски.
На другата страна Сеад Сеховиќ со 15 поени беше единствениот кошаркар кој успеа да ја надмине бројка од 10 поени.
„Во последните две-три средби имаме голем пад во играта. Не бевме комплетни, но тоа не треба да биде причина за овој убедлив пораз. Ние бевме катастрофални во сите делови од играта и му овозможивме на противникот да слави убедливо, сметам дека разликата меѓу двата тима не треба да биде изразена со преку 30 поени, но тоа е реален исход од случувањата на теренот“, изјави играчот на Шолнок, Мартин Бадер.
Македонскиот шампион по 11. коло има шест победи и пет порази, доволни за останување во средниот дел од табелата. Следната средба „сино-белите“ ја играат во „Пионир“ в недела, му гостуваат на силниот состав на Партизан
Пипан: Одлучи пристапот
„Дојдовме до важна победа. Долго време се подготвувавме за Унгарците кои не се така слаб тим како што тоа изг��едаше на теренот. Пристапот кон натпреварот беше клучен за убедливата победа, одигравме максимално во текот сите 40 минути, инсистирав да нема опуштање во ниту еден момент. Моите кошаркари целосно ги исполнија своите задачи и им честитам за победата. За нас триумфот доаѓа во вистинско време, со одлична атмосфера патуваме за гостувањето против Партизан“, рече Алеш Пипан, кој соопшти дека на листата на повредени се најде уште еден кошаркар. Овојпат станува збор за младиот Стефан Турњанин, кој во текот на мечот се здобил со повреда.
Чиста десетка за „Фемили“, направија фантастична атмосфера
Иако во салата „Борис Трајковски“ имаше само 2.500 гледачи, сепак мечот меѓу МЗТ Скопје и Шолнок мина во одлична атмосфера благодарение на навивачката група „Фемили“.
Првпат фановите на овој клуб на своја иницијатива стартот на натпреварот го отворија со националната химна на Македонија, а во текот на сите 40 минути испратија порака: Ова е Македонија!.
МЗТ Скопје - Шолнок 87:53
Резултат по четвртини: 24:11, 23:10, 21:17, 19:15). Сала: Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 2.500. Судии: Несковиќ - Маричиќ - Јованиќ.
МЗТ Скопје: О. Стојановски, Грнчаров, Поповски-Турњанин 4, Д. Стојановски 15, Гечевски 20, Николовски, Чековски 10, Николиќ 13, Оташевиќ 8, Марковски, Бакиќ 5, Дејвис 12.
Шолнок: Хорват 9, Гребенар 2, Цаба, Фодор 5, Геј, Марковиќ 4, Тот, Сеховиќ 15, Шабо 4, Бадер 4, Трепак 9, Калве.
Резултати: Раднички - Задар 92:79, МЗТ Скопје - Шолнок 87:53, Сплит - Будуќност 71:69. Синоќа играа: Ц.Звезда - Широки, Цедевита - Крка, У.Олимпија - Цибона, Игокеа - Партизан.
|