02.12.2012, 15:30 Ставрески: За четири години 1,55 милијарди евра инвестиции
Во последните 4 години во земјава влегле 1,55 милијарди евра, што е двапати повеќе од вкупниот прилив на инвестиции во периодот од 1990 година до 2005 година, ако се изземат приватизациите на државните монополи.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, тоа е резултат на владините политики и мерки, вклучително и на економските презентации надвор од државата.
„Евидентно е дека Македонија привлекува инвеститори и во вакви околности и тоа не од една земја, туку од повеќе, американски, британски, руски и останати компании, што решаваат да дојдат кај нас“, укажа вицепремиерот.
Ставрески рече дека треба да се биде агресивен за да се привлечат инвеститорите, дека треба да се биде амбициозен, да се отиде надвор од земјата, да се објаснува и да се настојува пред инвеститорите да се прикаже земјата во позитивно светло. „Но, затоа треба пред се' да ги средите вкупните односи во земјата во делот на бизнис-амбиентот. Сметам дека таа структура веќе постои“, рече Ставрески. (Ек.Р.) |