03.12.2012, 13:59 Анимираниот филм „Татко“ доби „Златна тула“
Добитник на „Сребрена тула“ е „Приказна за него“ од Паскал Перез, а „Бронзена тула“ доби италијанскиот филм „За убивањето на свињата“ од Симоне Маси
Првата награда „Златна тула“ на второто издание на интернационалниот фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје фест“ (кој заврши на 30 ноември) му е доделена на анимираниот филм „Татко“ на режисерите Иван Богданов, Мориц Мајерхофер, Аспарух Петров, Вељко Поповиќ, Росицка Ралева и Димитри Јагодин, копродукција меѓу Бугарија, Хрватска и Германија. Добитник на „Сребрена тула“ е филмот „Приказна за него“ од шпанскиот автор Паскал Перез, додека наградата „Бронзена тула“ ја доби италијанскиот филм „За убивањето на свињата“ од режисерот Симоне Маси од Италија. Специјалната награда му е доделена на анимираниот филм „Една скриена солза“ на авторот Карло Вогеле од Луксембург, а наградата за најдобра национална селекција ја доби Полска, која годинава беше застапена со најголем број висококвалитетни остварувања од областа на анимацијата.
За наградите годинава одлучуваше интернационалната жири-комисија составена од: Венелин Велчев, Вук Јевремовиќ и Миливоје Ѓорѓевиќ, а според одлуката на жирито составено од деца гледачи, (над 600 деца посетители) наградата за најдобар филм за деца му е доделена на анимираниот филм „Мачката шпион и потерата по хартијата“ од сингапурскиот автор Дарен Лим.
На „Анимакс Скопје фест 2012“ годинава од над 150 пријавени филмови беа прикажани 40 филма во официјална селекција, 10 филма во конкуренција за најдобар филм за деца и 20 филма беа дел од од ревијалната програма. (К.Б.)
|