02.12.2012, 13:36 „Љубов“ освои четири „европски оскари“
„Да живее европскиот филм“, извикаа Бертолучи и Саура, потврдувајќи дека авангардата никогаш нема да се предаде
Сунчица Уневска
Францускиот филм „Љубов“ посветен на животот и на неговата минливост, но и на љубовта и на нејзината вечност, триумфираше синоќа на доделувањето на европските филмски награди познати како „европски оскари“, кое го имаше својот сребрен јубилеј во прекрасната „Ла Валета“ на Малта. Филмот на Михаил Ханеке освои четири статуетки, вклучувајќи ги речиси сите главни категории, и тоа: за најдобар филм и најдобра режија, како и за извонредните ролји на француските ветерани, Емануел Рива и Жан Луј Трентињан. Единствено наградата за сценарио, сосем оправдано, отиде кај данскиот филм „Лов“ на Томас Винтерберг, со Медс Микелсен во главната улога.
„Љубов“ оваа година на австрискиот режисер Ханеке на престижниот Кански фестивал му ја донесе и втората „Златна палма“. Едноставно, овој филм во кој на неверојатен начин Ханеке зборува за љубовта, за приврзаноста, за минливоста на животот, за соочувањето со смртта и за борбата како да се замине со достоинство и дигнитет, не можеше никого да остави рамнодушен. Тој во себе ја носи едноставната вистина и убавина, ја носи суштината која понекогаш ја забораваме не можејќи да се соочиме со неминовното. Улогите на Емануел Рива и Жан Луј Трентињан, толку природни, автентични и совршени беа своевидна инкарнација на смислата и убавината, на болката, но и на борбата за другиот, борбата која ве прави да се чувствувате горди и во загубата. Михаил Ханеке беше трогнат и исклучително среќен, заблагодарувајќи им се на присутните на сите можни јазици.
Филмот „Лов“ со својата приказна и начин на кој зборува за човечноста, за минливоста и за вистинските вредности, можеше навистина да му парира на овој филм. Едноставен, силен, вознемирувачки и до болка вистинит, „Лов“ е една вивисекција на модерното општество, но и на луѓето, се повеќе отуѓени и уплашени едни од други. Медс Микелсен ја носеше својата улога на невино обвинет фасцинантно, но мораше да се задоволи со претходно добиената канска „Палма“. Како и да е, „Лов“ на поранешниот догме-режисер Томас Винтерберг апсолутно го заслужи „Оскарот“ за сценарио.
Од другите филмови кои беа во конкуренција за најдобри остварувања, само уште британскиот „Срам“, кој имаше пет номинации, освои две европски награди, за фотографија и за монтажа. А две награди, оние за продукциски дизајн и за музика, отидоа и кај „Шпионска игра“ (Tinker Tailor Soldier Spy) на Томас Алфредсон, кој имаше четири номинации, меѓу кои и онаа за улогата на Гери Олдман.
Наградата, пак, за Европско откритие „Фипресци“ му припад��а на холандскиот филм „Kauwboy“ на Будевин Кол. Станува збор за една топла семејна драма, за пријателството на едно момче со птицата и за односот меѓу таткото и синот. Додека, наградата на публиката, за која гласаа европските гледачи, меѓу кои и оние од Македонија, ја доби белгискиот „Аста ла Виста“ на Џефри Ентовен, за тројца момчиња со хендикеп, кои патуваат за Шпанија и се подготвени по секоја цена да го имаат своето прво сексуално искуство.
Но, она што најмногу ја трогна публиката и што донесе едно посебно чувство на вредност и на славење беше доделувањето на двете почесни награди, онаа за европско достигнување во светскиот филм, која ја доби британската актерка Хелен Мирен и онаа за животно дело, која му припадна на легендарниот италијански автор, Бернардо Бертолучи. Излегувањето на двајцата на сцената во прекрасното здание од 16 век (каде е сместен Медитеранскиот конференциски центар) во Ла Валета, предизвика вистинско одушевување и стоечки овации.
Хелен Мирен е вистинска дама на европскиот филм, која на годинешното добивање на почесниот „Кристален глобус“ во Карлови Вари во интервјуто за „Утрински весник“ ни изјави дека верува во ослободувањето, дека е тоа дел од нејзиното патување. Таа рече дека кога била млада била потенцијално субверзивна, односно лута девојка на се и сешто, која сакала да ги урива бариерите. На сцената на Малта таа се потсети на тоа кога посакала да стане актерка и зборуваше за своето доживување кога на 16 години го гледала филмот „Авантура“ на Микеланџело Антониони со Моника Вити во главната улога и додаде дека уживала да ги гледа прекрасните европски актерки на екранот, меѓу кои Ана Мањани, Хана Шигула, Ингрид Бергман, Клаудија Кардинале и сакала да биде како нив. Денеска, рече дека е горда што е тука, а публиката можеше да се потсети на дел од нејзините незаборавни ролји во: „Лудилото на кралот Џорџ“, „Дивиот Месија“, „Калигула“, „Кралицата��, „Готвачот, крадецот, неговата сопруга и нејзиниот љубовник“, па се до поновите, „Сомневање“ и „Врата“.
Бернардо Бертолучи, пак, од Вим Вендерс и од Мариса Передес беше најавен како независен автор пар-екселанс, како режисер кој неуморно ги уриваше сите табуа, кој создаде толку незаборавни филмови какви што никогаш не сме гледале. Доволно е само да ги споменеме: „Последното танго во Париз“, „Малиот Буда“, „Последниот кинески цар“, „Дваесеттиот век“, „Чај во Сахара“, „Конформист“, „Сонувачи“. Зборуваа за поезијата во неговите филмови, за единствената визуелна и внатрешна убавина, но и за посветеноста на политичкиот филм и на старите култури и места кои се во дослух со исконското во себе. Бертолучи, кој излезе во количка, зборуваше дека пред 25 години кога е основана оваа награда бил на сцената во Берлин заедно со Ингмар Бергман, нарекувајќи го вистински гениј на филмот. На крајот и тој, како и големиот шпански автор, Карлос Саура, кој ја додели главната награда, извикаа: „Да живее долго европскиот филм!“ |