03.12.2012, 18:50 Македонски фанови ни за лек во Ниш
Ниту едно македонско знаме, навивачки реквизит или некакво друго обележје близу Спортскиот центар "Чаир", каде што ќе се одиграат натпреварите од групата Б
ФОТО: Денис Дуковски
НИШ - Ден пред почетокот на Европското првенство за ракометарки во Србија ништо не потсетува на јануари, кога неколку илјади македонски навивачи го окупираа Ниш за да ја бодрат машката репрезентација на ЕП. Ниту едно македонско знаме, навивачки реквизит или некакво друго обележје близу Спортскиот центар "Чаир", каде што ќе се одиграат натпреварите од групата Б. Ни во кафулињата близу арената ништо не навестува дека тука ќе игра и Македонија. Клубот "Кафе" спроти салата, кој во јануари беше преполн со македонски фанови, сега не ни работи. Единствената сл��чност со машкиот еврошампионат е снегот што интензивно паѓа веќе цел ден.
Сликата би требало да се смени како што ќе наближува утрешниот дуел со Франција од 18,15 ч. Организаторот очекува околу 800 љубители на ракометот од Македонија, колку што резервирале влезници, за нивниот број значително да се зголеми за средбата од последното коло со Данска в сабота.
Македонската експедиција пристигна во Ниш околу 12,30 часот во добро расположение, а во 16,30 ч. треба да го одржи и првиот тренинг. (Р.Д.)
|