03.12.2012, 08:57 Вардар про го испушти Магдебург
Пирова победа од 28:26 во реваншот во „Кале“, откако ударот на Прибак за пласман во групната фаза беше блокиран седум секунди до крајот
РОБЕРТ ДИМИТРИЕВСКИ
Вардар про имаше идеална можност со златни букви да се запише во историјата на македонскиот машки ракомет како прва екипа што елиминирала германски противник во еврокуповите, но не ја искористи. Македонскиот вицепрвак ја забележа првата победа во шестиот меѓусебен дуел со некогашниот трикратен европски шампион Магдебург, совладувајќи го со 28:26 во реваншот од третото коло во Купот на ЕХФ во „Кале“, но извиси за еден гол. Германците одат во групната фаза од новиот формат на ова натпреварување благодарение на тоа што првата средба на свој терен ја добија со 30:27.
Јунакот на победата на црвено-црните над Металург во СЕХА-лигата, Немања Прибак, овој пат беше трагичар. Српскиот среден бек ја имаше меч-топката седум секунди до крајот, но неговиот удар беше изблокиран. Токму Прибак во 57. минута му донесе на Вардар про водство од 28:25, доволно да се исфрли големото ракометно име од источниот дел на Германија. Малку потоа домашните имаа уште подобра ситуација кога во 58,14 минута беше исклучен Штефан Кнеер, но прво не реализира Влатко Јовчевски од десно крило, нецела минута до крајот казни Андреас Роевски, по што Прибак во самиот финиш не го најде патот до противничката мрежа.
Штета, бидејќи вардарци се бореа лавовски, „гинеа“ за секоја топка и не се обесхрабрија ни кога Магдебург во 40. минута поведе со 20:17. Напротив, по тајм-аутот што го побара нивниот тренер Веселин Вујовиќ, во наредните осум минути возвратија со серија од 6:1 и само несреќниот сплет на околности во финишот ги спречија да ги наградат своите навивачи за фантастичната поддршка со заедничко славење по мечот.
Вардар про – Магдебург 28:26
Полувреме: 14:14. Сала: СРЦ „Кале“ во Скопје. Гледачи: 3.000. Судии: Коен и Перец од Израел. Седмерци: Вардар про 5/7, Магдебург 3/3. Исклучувања: Вардар про 8 мин., Магдебург 14 мин. Црвен картон: Пајович од Магдебург (3х2 мин.). Загубени топки: Вардар про 5, Магдебург 7.
Вардар про: Милиќ (10 одбрани), Чаневски (2 одбрани), Лазовиќ, Ојлески, Стоилов 4/5, Прибак 6/9, Драгаш, Кукоски, Петриќ 5/8, Јовчевски 2/5, Марковиќ 2/3 (1/2), Лазаров 7/11 (4/5), Карачиќ 1/3, Рајковиќ 1/4, Абутовиќ. Тренер: Веселин Вујовиќ.
Магдебург: Ајлерс (6+1 одбрани), Асмусен (1+1 одбрани), Вигерт, Кнеер 5/8, Роевски 3/7, Ландсберг, Пајович 1/2, Ван Олфен 0/1, Хорнке, Графенхорст 2/2, Тонесен 0/2, Шепсмаер 2/6, Ф. Вебер, Р. Вебер 10/13 (3/3), Јурецки 3/4. Тренер: Франк Карстенс.
СЕДУМ ОД СЕДУМ ЗА КЈЕЉЦЕ
Полскиот првак Кјељце ја забележа и седмата победа во групата Ц од Лигата на шампионите, во која е и Металург, славејќи на гостувањето во Силкеборг со 34:25 за максимални 14 бода. Горење и Металург ќе го дочекаат продолжението во февруари со по 10 бода, со тоа што Словенците се формално втори поради подобрата гол-разлика за четири гола. Силкеборг има шест, Санкт Петербург два и Шамбери е без бодови, а од овие три екипи ќе се бара преостанатиот патник од групата во осмианфиналето.
Кирил Лазаров и уште четворица првотимци на Атлетико Мадрид не играа во репризата на финалето на ЛШ во Кил, каде што домаќинот и бранител на титулата ги совлада Шпанците со 31:27. |