29.11.2012, 14:33 Иванов им посака успех на ракометарките на ЕП во Србија
Претседателот денеска ја прими Македонската женска ракометна репрезентација која ќе настапи на eврошампионатoт од 4 до 16 декември
Претседателот Ѓорге Иванов денеска ја прими Македонската женска ракометна репрезентација која ќе настапи на eврошампионатoт во Србија, што ќе се одржи од 4 до 16 декември.
Посакувајќи им успех на ракометарките, Иванов изрази надеж дека ќе постигнат победи, бидејќи како што рече, кога се сака, се се може.
Капитенот на репрезентацијата Тања Андрејева заблагодарувајќи му се на претседателот за приемот рече дека неговата подршка многу им значи и е дополнителен мотив. Таа вети дека на ова првенство ќе покажат добра игра.
Ракометарката Драгана Пецевска рече дека имаат за цел да ја поминат групата и да реализираат две победи за понатаму да имаат подобар пласман. - Подготвени сме и ќе дадеме се од себе да постигнеме успех, додаде Пецевска.
Македонија на Еврошампионатoт во Србија кој ќе се одржи од 4 до 16 декември ќе игра во групата Б заедно со репрезентациите на Шведска, Франција и Данска.
Во првиот натпревар, што ќе се одигра на на 4 декември, противник на избраничките на селекторот Гино Стрезовски ќе биде селекцијата на Франција.
На 6 декември, Македонија ќе игра со Шведска, а два дена подоцна на последниот дуел македонската селекција ќе се сретне со Данска.
Домаќин на оваа група ќе биде градот Ниш.
|