30.11.2012, 15:24 (ФОТО) Шверцувани влекачи станаа нови жители на ЗОО
ФОТО: Петр Стојановски
Зоолошката градина доби неочекувани жители. Дваесет егзотични животни од десет различни видови, откако беа откриени во обид да бидат прошверцувани на граничниот премин Табановце, Царинската управа на Македонија и' ги подари на ЗОО. Животните биле запленети во камион со бугарски регистарски таблички, а биле наменети за лице од Битола, колекционер на гуштери и змии. Биле одземени од непознато лице, кое, пак, ги презело од српски државјанин.
Меѓу запленетите видови има четири единки леопардов гекон, четири камелеони, три пченкарни змии, една голема скорпија, два кралски питона, една млечна змија, четири црно-бели калифорниски кралски змии и уште една калифорниска змија, но со линии. Поради несоодветен транспорт една од змиите веќе умрела.
„Овие видови бараат специфични услови за живот, но веќе се обезбедени адекватна храна и простор во новиот терариум на градината. Ова не е прв ваков случај. Досега во Зоолошката има стигнато повеќе запленети птици, мали желки, змии. Градината претставува еден вид на депортизер на забранети и нелегално транспортирани животни“, вели директорката на ЗОО, Татјана Стаменов.
Вредноста на животните кои се релативно млади примероци се проценува на околу 4.000 евра, но таа би се зголемувала како што растат и стареат.
„При царинска контрола беа пронајдени во кабина на горната страна од креветот на товарното возило, сместени во две картонски кутии. Против осомниченото лице Царината ќе поднесе соодветна пријава, а истрагата ќе продолжи со цел откривање на сите инволвирани во шверцот на животни“, рече директорот на Царинска управа, Ванчо Каргов.
Овие животни се заштитени со CITES - Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дивата флора и фауна. (Б.Ш.)
|